24.10.2017

Реакција на Судиска комисија при МКФ

Во врска со написите во медиумите околу судењето на македонските кошаркарски судии во Првата лига (мажи) сакаме да ве известиме дека ваквите написи се познати и веќе видени во изминатите натпреварувачки сезони. За вакви написи Судиската комисија реагираше и минатата година и сметаме дека со ваквиот начин на комуникација и напади врз судиите како и врз нивните одлуки се врши притисок во однос на истите и нивното судење на натпревари на одредени клубови

Сакаме да напоменеме дека нападот на одреден судија преку средствата за јавно информирање и од страна на средствата за јавно информирање е јавна осуда односно јавен линч во ситуација кога во федерацијата има интерни постапки за утврдување и оценување на работата на судиите. Некоректно е да се врши притисок врз евентуалната одлука на телата на МКФ.

Конкретниот натпревар (Фени Индустри – АВ Охрид), за кој медиумите пишуваат и за конкретниот судија од страна на КК АВ Охрид има приговор за судењето. Комесарот за натпреварување заедно со Судиската комисија при МКФ ќе ја прегледа снимката од натпреварот и ќе ги разгледа сите расположливи докази за расветлување на случајот околу спорните моменти од натпреварот. Доколку се утврди дека судијата погрешил ќе има соодветни санкции.

Потенцираме дека надворешниот притисок нема да влијае за донесување на одлука која ќе биде надвор од доказите и од фактите.

Судиската комисија ги замолува клубовите да се воздржат од вакви непотребни коментари во иднина со кои се руши авторитетот на македонските судии. И судиите, како и играчите, имаат право на грешка. Грешките се составен дел од кошаркарската игра, а преку своите грешки се доаѓа до напредок.