25.02.2017

Вицешампион го совлада и Вардар (86-69)

Куманово посилен од Вардар

Куманово, македонскиот вицешампион ја запиша деветтата победа во домашното првенство откако славеше против младата екипа на Вардар со 86-69 односно 16-17, 26-17, 23-14 и 21-21 по делници.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов се покажаа како достоен противник само во првите 15 минути игра. Првите десет минути поминаа со сето внимание насочено кон гостинскиот состав кој го доби првиот период со еден поен предност (16-17). Младите кошаркари на Вардар не им дозволуваа на кумановци да се одлепат резултатски на почетокот на натпреварот, во неколку наврати во вториот период имаа и водство (21-24, 24-26), но потоа следеа низа грешки кои ги чинеа скапо. На полувремето се замина со осум поени предност за домаќинот (42-34) кои ги запечати Георгиевски со реализирана тројка на пет секунди пред истекот на времето.

Во преостанатите 20 минути игра, Вардар не успеваше така лесно да ја мине одбраната на Куманово за што зборува и малиот број на реализирани шутеви односно постигнати поени. Вториот дел од натпреварот беше порелаксирано одигран од страна на домашниот состав кој веќе на истекот од 30. минута ја имаше победата во раце.

Стрелци на натпреварот:
Куманово: Мијатовиќ (28 поени), Караколев (11 поени), Живановиќ (11 поени), Миладин Пековиќ (11 поени)
Вардар:Адекунле (17 поени), Шалев (12 поени), Зекири (11 поени), Митков (12 поени)