12.02.2018

Само четири дена нè делат од празникот на кошарката!

Финалниот турнир од Купот на Република Македонија отсекогаш бил синоним за празник на кошарката. Осум екипи во машка односно четири екипи во женска сениорска конкуренција ќе се натпреваруваат за престижниот трофеј. 

Минатата календарска година, два клуба испишаа клупска историја, а на листата на трофејни клубови во републиката беа додадени уште две имиња - во машката конкуренција славеше Карпош Соколи додека во женската славеа кошаркарките на Вардар кои спектакуларно ставија крај на доминацијата на Бадел 1862 во ова натпреварување.

Двата клуба претстојниот викенд ќе ги бранат трофеите освоени минатата година.

Во рамки на првиот четвртфинален дуел (петок, 16. февруари 13:00 часот) во машката конкуренција ќе се пресметаат екипите на Работнички и Карпош Соколи.

„Првиот натпревар е против Карпош Соколи. Тие го освоија ланскиот Куп, оваа година играат во променет состав. Без разлика на промените, мора да играме коцентрирано и мотивирано и да ја оствариме нашата цел - што подобар пласман во ова натпреварување“ - истакна Перо Блажевски, тренер при екипата на Работнички.

„Како најмлада екипа и покрај проблемите на клубот, чест ми е што ќе учествуваме. Знаеме кој ни е противник, Работнички е фаворит на овој меч, но ние со нашата младост ќе се обидеме да играме како што најдобро знаеме“ - е ставот на Андреја Атанасов, играч на Карпош Соколи.

Во рамки на вториот четвртфинален дуел (петок, 16. февруари 15:30 часот) во машката конкуренција ќе се пресметаат екипите на Блокотехна и АВ Охрид.

„Ние како дебитанти во оваа сезона верувам дека ќе дадеме една свежина во Купот што ќе се одигра во Кавадарци. Самото присуство на овој Куп за нас ќе имаме можност и ние да се израдуваме на некоја победа, па да бидеме од полуфиналната или финалната двојка“ - истакна Марјан Илиевски, тренерот на Блокотехна.

Неговиот став го потврди капитенот на екипата, Горан Главчев.

„Купот е од голема важност за нас, затоа што е прв во нашата историја. Се надевам дека ќе се покажеме во добро светло. За противник ја имаме екипата на АВ Охрид. Фаворити сме на хартија, но ќе се игра еден натпревар. Во Купот нема простор за фаворити, мора добро да се испотиме“. - дополни Главчев.

На спротивната страна на паркетот ќе биде екипата на АВ Охрид.

„За нас ова е второ учество на завршниот турнир. Сосема заслужено си го изборивме. Оваа година вкрстуваме со Блокотехна, одличен тим. Очекувам добар натпревар, тие против нас се фаворити, но желба ни е да ја нарушиме фаворитската улога. Имаме повредени играчи, но ќе се обидеме да изненадиме“ - истакна тренерот на екипата, Петар Чочороски. На неговите зборови се надоврза и младиот играч Стеван Глигоријевиќ.

„Ја добивме Блокотехна како фаворит. Но ние ќе се бориме и сакаме да изненадиме“ - краток беше Глигоријевиќ.

Во рамки на третиот четвртфинален натпревар (петок, 16. февруари 18:00 часот) силите ќе си ги одмерат МЗТ Скопје Аеродром и Фени Индустри.

„Националниот Куп секогаш е еден празник на кошарката. Очекувам добри натпревари, Купот е специфично натпреварување. Сум имал прилика да учествувам многу пати, да победам и да изгубам, тоа е дел од спортот. Еден натпревар одлучува се, тоа го прави специфично ова натпреварување. Тимовите кои се фаворити на хартија мора да бидат концентрирани. И покрај сите проблеми ние се трудиме да сме фокусирани. По лошите резултати во АБА, сакаме да се покажеме на домашно тло. Го почитувам домаќинот, имаат кошаркарска историја за почит. Тука се и останатите екипи како Блокотехна, Работнички, но и сите други“ - вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром.

Капитенот на екипата, Дамјан Стојановски, стави акцент на изненадувањата кои секогаш се случуваат на ваквиот тип на натпреварувања.

„Купот секогаш има изненадувања и нема простор и време за поправен. Мислам дека добро да се подготвиме, прв ривал ќе е Фени Индустри, сакаме да победиме, а потоа од меч во меч сакаме што поуспешен настап“. 

Минатата година, Фени Индустри го елиминира МЗТ Скопје Аеродром во полуфиналето. Кавадарчани ќе имаат прилика да го повторат истото. 

„Со оглед на тоа каква ситуација се наоѓа Фени, МЗТ е апсолутен фаворит. Но, ние играме пред домашна публика, во наша сала, мислам дека ќе се покажеме како достоен противник. Ќе излеземе на терен, па нека победи подобриот“ - истакна тренерот на екипата, Љупчо Малинков.

Капитенот на екипата, Јане Петровски, не се плаши од фаворитската улога наметната на противникот.

„Амбициите на Фени оваа сезона не се поклопуваат со ситуацијата на клубот. Во првото коло играме против МЗТ; апсолутен фаворит против нас. Не се предаваме, ќе излеземе на терен, ќе се бориме, па нека победи подобриот. Им посакувам на сите успешен Куп и нека го освои најдобрата екипа“ - истакна искусниот плејмејкер.

Последната двојка за првиот ден ќе биде Куманово - Гостивар, дуел кој ќе се одигра со почеток во 20:00 часот.

„Како и сите останати и ние влегуваме со иста желба во овој Куп. Се надевам дека ќе биде еден празник на кошарката и дека спортот ќе победи. Секое коло што ќе го поминеме со Куманово во Купот ќе биде успех за нас“ - истакна Александар Петровиќ, тренерот на Куманово.

Јетмир Зекири, кој говореше во името на Гостивар беше краток и јасен.
„Ќе го дадеме максимумот и најдобрата екипа нека победи“ - истакна младиот кошаркар.

Во женската конкуренција Куп-возбудувањата же започнат ден подоцна - в сабота (17. февруари). Минатогодишниот освојувач на Купот Вардар ќе си ги одмери силите со Пелистер додека Бадел 1862 ќе се надигрува со Струга 2009.

Првото полуфиналево женската конкуренција ќе започне точно на пладне.

„За нас како млад клуб, во кој играат јуниори и кадети, е голема чест што играме во завршницата на Купот. Ние сме веќе добитници со самото учество. Не гаиме лажни амбиции, но ако го дадеме максимумот и ако парираме против Бадел, ќе бидам многу задоволен.“ - истакна Владимир Ѓоровиќ, тренерот на Струга 2009.

„Во натпреварот влегуваме како тотални аутсајдери. Ќе се трудиме да дадеме што поголем отпор, да го дадеме најдоброто од нас и да дојдеме до резултат.“ - дополни Анамарија Шеќероска.

Второто полуфинале ќе започне во 14часот и 30минути.
„Одиме чекор по чекор, не чека натпревар со Пелистер. Нема да биде лесно како што сите мислиме. Но, сите мисли ни се кон финалето и одбрана на Куп-трофејот“ - Истакна тренерот на Вардар, Срѓан Дамјановски. На неговите зборови се надоврза и кошаркарката Симона Деловска.

„Се подготвуваме за Купот веќе една полусезона. Имаме две пресметки со Бадел и Пелистер. Го совладавме нашиот Куп-ривал во првенството, но тоа не значи дека не чека лесна работа“ - дополни Деловска.

Картите за Купот се веќе пуштени во продажба. Цената на еден билет изнесува 50 денари. Билтетите можат да се купат преку следниот ЛИНК.