30.03.2018

Комплетиран регуларниот дел на ПЛМ: Старт на Супер лигата и Плејаут

Дваесет и две кола одиграа дванаесетте прволигаши во кошаркарската елитна конкуренција во тековната натпреварувачка сезона 2017/2018. По 22 одирани натпревари пласманот на табелата ги одлучи шесте патници во Супер лигата кои ќе се борат за место во Плејофот и шампионската титула, како и шесте патници во Плејаут лигата кои ќе се борат за опстанок во ’елитата’.

Работнички оваа натпреварувачка сезона се закити со епитетот перфектен откако по 22 кола од регуларниот дел на сезоната (не сметајќи го Куп-натпреварувањето) остана непоразен. Центарци со максимални 44 бода како првопласирани во ПЛМ се пласираа во Супер лигата и во рамки на првото коло ќе се пресметаат со шестопласираниот АВ Охрид кој со победа во последното коло си го обезбеди билетот за суперлигашкото натпреварување. Новајлијата Блокотехна важи за позитивно изненадување тековната сезона. Во премиерната сезона, кошаркарите од клубот на југот на Републиката запишаа само пет пораза со што се стационираа на втората позиција. Блокотехна во рамки на првото коло ќе излезе на мегдан со кошаркарите од Гостивар кои го завршија регуларниот дел од сезоната како петти на табелата. Гостиварци се вратија во прволигашкото друштво со високи амбиции кои ги одржаа до крајот на регуларниот дел. Последна суперлигашка двојка е составена од МЗТ Скопје Аеродром, кој ќе продолжи себично да го чува шестиот шампионски трофеј освоен минатата сезона и Куманово кој ќе атакува кон што подобар пласман.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ 1. коло СУПЕР лига
АВ Охрид – Работнички 1. април; почеток 17:00часот
Гостивар – Блокотехна 31. март; почеток 18:00часот
МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 31. март; почеток 17:45часот (ПРЕНОС НА МРТ)

Во Плејаут лигата две екипи ќе се борат за опстанок во прволигашката конкуренција и тоа трикратниот шампион Фени Индустри на кого за малку му ’избега’ пласманот во Супер лигата, потоа Кожув, Пелистер, Шкупи, Карпош Соколи и Струмица.
Во рамки на првото коло од оваа лига ќе се пресметаат двојките Струмица – Фени Индустри, Карпош Соколи – Кожув и Пелистер – Шкупи.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ 1. коло Плејаут лига
Струмица – Фени Индустри 1. април; почеток 17:00часот
Карпош Соколи - Кожув 1. април; почеток 20:30часот
Пелистер - Шкупи 31. март; почеток 18:00часот