07.05.2018

Одржан состанок со клубовите кои ќе се натпреваруваат во плејофот

Денес (понеделник, 7. мај), во просториите на Македонската кошаркарска федерација беше одржан состанок помеѓу претставниците на клубовите кои ќе се надигруваат во плејофот (полуфинале), Генералниот Секретар Моника Гаврилоска, Спортскиот Директор Владимир Темелковски како и Комесарот за натпреварување Владо Цветковски.

Целта на состанокот беше повторување и потврдување на претходно дефинираните правила и пропозиции, конкретно околу спортските сали во кои ќе се одигруваат натпреварите како и безбедноста во истите.

На состанокот се говореше и за термините за одигрување на натпреварите. Во интерес на кошаркарскиот спорт, клубовите прифатија да натпреварите од едно коло бидат одиграни во два различни дена како истите телевизиски би биле пренесувани. Па така, полуфиналната серија од Плејофот ќе започне со натпреварот помеѓу второ и третопласираниот на табелата во Супер лигата – екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна. Натпреварот ќе се одигра утре (8. мај) со почеток во 19:00 часот. Натпреварот помеѓу првопласираниот Работнички и четвртопласираниот Куманово ќе се одигра ден подоцна.

По одигрување на натпреварите од полуфиналната плејоф серија ќе биде одржан уште еден состанок со финалистите пред започнување на финалната серија од Плејофот за тековната сезона. Финалната серија од Плејофот ќе започне четири дена по завршување на полуфиналната серија, согласно календарот за натпреварување.