04.06.2018

Одржана дебата на тема број на странски играчи во ПЛМ и број на клубови-учесници во ПЛМ и ВЛМ

Македонската кошаркарска федерација денес одржа јавна дебата во просториите на хотел „Бест Вестерн“ (поранешен хотел „Турист“) на тема бројот на странски играчи во клубовите кои се натпреваруваат во Првата лига (мажи) како и намалување односно зголемување на бројот на клубови-учесници во Првата лига.

Покрај актуелното раководство на МКФ, Претседателот Петар Наумоски, Генералниот секретар Моника Гаврилоска како и Спортскиот Директор Владимир Темелковски, на дебатата присуствуваа и претставници од клубовите кои се натпреваруваат во Првата лига (мажи), Втората лига (мажи), претставници од асоцијацијата на играчи,  активни и поранешни кошаркари, поранешни претседатели на федерацијата, спортски работници и новинари.

На дебатата беа истакнати предлози од страна на присутните во врска со правилото за странски играчи (Член 32. од Регистрациски Правилник (5) Клуб во Прва лига мажи има право на пријавување и настап најмногу 6 (шест) странски играчи во составот на еден натпревар, но на терен вп игра, да нема помалку од два домашни играчи), за правилна имплементација на истото, позитивните и негативните страни од промена на правилото, како и за бројот на учесници во Првата лига (мажи).

Македонската кошаркарска федерација ќе ги земе предвид сите предлози истакнати на денешната дебата и до крајот на тековниот месец ќе излезе со конкретен предлог кој потоа ќе биде испратен до членовите на Собранието за понатамошно разгледување и гласање.