14.06.2018

први пријателски натпревари за репрезентативците до 20 години

Младинците ја пречекуваат Унгарија

Националниот состав до 20 години утре (петок, 15. јуни) и в сабота (16. јуни) ќе ги одиграат првите пријателски средби во рамки на подготвителниот период во пресрет на Европското првенство (дивизија Б) што од 13. јули ќе започне да се одигрува во соседна Бугарија. Младинската репрезентација, предводена од селекторот Никола Василев, ќе си ги одмери силите до соодветната селекција на Унгарија која ќе биде гостин в Скопје во следните два дена.

За стручниот штаб на репрезентацијата пријателските натпревари во овој подготвителен период ќе бидат тестови пред одредување на финалните 12 кошаркари и започнување на финалните подготовки за првенството. 

Репрезентацијата ги започна подготовките в Скопје, а потоа продолжи во Маврово на седумдневна изолација. Потоа, репрезентативците се вратија во нашата престолнина каде продолжија да ги обавуваат тренинзите.

Натпреварите против селекцијата на Унгарија ќе се одиграат во малата сала на „Кале“ и ќе започнат во 19:00 часот. Линковите до статистиката во живо е достапна на насловната страница на вебсајтот на МКФ.

Покрај овој двомеч, репрезентативците до 20 години ќе отпатуваат за Црна Гора каде ќе одиграат два пријателски натпревара на турнир на кој покрај домаќинот учество ќе земе и Русија.

Следуваат три дена одмор, па потоа пријателски двомеч со домаќинот на Европското првенство (дивизија Б) до 20 години – Бугарија, на 3. и на 4. јули на гостински терен. Три дена подоцна ќе ни гостува селекцијата на Романија со која младинците ќе одиграат уште два натпревара.