Репрезентацијата во машка сениорска конкуренција денеска претпладне го одржа првиот собир во пресрет на последниот натпревар во рамки на првата фаза од претквалификацискиот циклус за Евробаскет 2021. На повикот на селекторот не одговорија тројца кошаркари поради повреда, а Александар Костоски подоцна ќе им се приклучи на подготовките. На првиот собир присуствуваше и македонскиот натурализиран кошаркар Шејн Витингтон кој ќе ја пополни празнината во рекетот на местото на Ричард Хендрикс.

Нашиот последен натпревар во оваа прва фаза го играме на 28. јуни, на гостински терен против Швајцарија.
Македонската репрезентација е прворангирана во групата А со три максимални победи.

Јорданчо Давитков, селектор
„Ова е навистина еден тежок период за кошаркарите затоа што доаѓа еден меч по крај на сезона и сега мора да се вратат во соодветен ритам за да одговорат на обврските. Од друга страна и составот ќе биде малку изменет бидејќи откажаа тројца кошаркари, Дарко Соколов повреда на коленото, Кирил Николовски има повреда на зглобот која подолго ја време ја влече а утрово и Андреј Маслинко не информираше дека ќе оди на операција на рачниот зглоб. Во секој случај ќе се обидеме да ги вратиме кошаркарите во некоја натпреварувачка форма и овие десеттина дена добро да се подготвиме за циклусот да го завршиме на првото место со уште една победа против Швајцаријa. Но, нема да биде воопшто наивен натпревар. Ќе биде тежок дуел против навистина солидна екипа која има неколку играчи од екс-југословенските простори. Знам дека сите очекуваат победа од нас, но ќе треба навистина максимален ангажман за да се реализира тоа.“

 

Војдан Стојановски, капитен

„Хендрикс сигурно ќе ни недостасува многу затоа што играше на изминатите три меча. Наше е да се подготиме добро овие десет и да победиме. Нема да биде воопшто лесно во Швајцарија, во Скопје ни парираа 30 минути. Немаат класичен центар, играат брза кошарка со италијански тренер. Ја победија Словачка и не очекува сигурно еден тежок меч. Витингтон ќе ни помогне многу, не е ист тип на играч како Хендрикс. Игра и од надвор и од внатре. Игра во силна лига во Русија, има играно и во други силни лиги како Шпанија. Мислам дека ќе се вклопи добро“

 

Шејн Витингтон
„Имав малку време да се запознаам со тимот. Возбуден сум што сум во Македонија. Со нетрпение го чекам новиот предизвик и првиот натпревар, се надевам дека ова ќе биде едно убаво искуство. Сите сме професионалци, се надевам дека ќе се екипираме добро. Македонија изгледа добро, се надевам дека ќе се вклопам во тимот. Ја рагледував и македонската кошарка во изминатиот период, Кајл Курич, со кого играв во минатото ми кажа нешто за неа. Ми кажа дека е добра и натпреварувачка и возбуден сум што сум дел од неа“