12.07.2018

Младинците заминаа за Бугарија

Јануарскиот ждреб одржан во Фрајзинг, Германија, посака да нашата младинска репрезентација биде сместена во групата А заедно со Летонија, Азербејџан, Белгија и со Белорусија. Со овие три репрезентации ќе разигруваат нашите кошаркари до 20 години во рамки на Европското првенство (дивизија Б). 

По конкурсот за селектори распишан во декември, Управниот Одбор на Македонската кошаркарска федерација неколку месеца подоцна ги назначи сите селектори на младинските репрезентации кои ова календарско лето ќе земат учество на Европските првенства (дивизија Б). Никола Василев ја доби довербата на Стручниот совет и на членовите на Управниот одбор за да биде назначен за селектор на младинската репрезентација. Со него во стручниот штаб беа назначени и Дарко Радуловиќ, Никола Божиноски и Будимир Јоловиќ. Три месеца пред предвидениот почеток на подготовките на оваа генерација, селекторите на репрезентациите, заедно со членовите на своите стручни штабови, поднесоа програми до МКФ за идеални подготовки.

Програмата на слекеторот Василев, предвидуваше подготовки в Скопје, висински подготовки и изолација на репрезентацијата на камп во Маврово, пријателски натпревари како и работа на физичката подготовка на играчите.

Василев повика 24 кошаркари за првиот собир, одржан на 1. јуни. Пет дена подоцна, откако беа извршени сите потребни медицински прегледи, репрезентацијата замина за Маврово каде продолжи да ги обавува подготовките.Враќањето во Скопје по една седмица изолација значеше и време за почнување на првите тест-пријателски натпревари. Против Унгарија забележавме два пораза (50-67, 80-82). Во Црна Гора разигрувавме против Русија (пораз 51-91) и против Црна Гора (пораз 77-53). Уште два пораза запишавме од Бугарија (86-72 и 62-60). Првите победи, младинците ги запишаа против Романија (75-66 и 66-79) со кои ги заокружија подготовките.

За Софија, утрово заминаа Миле Станимировиќ, Константин Мартиноски, Елвис Хот, Никола Кицев, Дамјан Крстевски, Петар Огњеновиќ, Петар Прентовиќ, Виктор Ефремовски, Павле Михајлоски, Ранко Мамузиќ, Леонид Тодоровски и Томислав Петров поминувајќи ги сите нивоа на селекција.

Сите резултати, линкови до статистика и до пренос (livestream) се закачени на насловната страница на веб-страницата на МКФ, а можат да се погледнат и на следниот ЛИНК.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ, ГРУПНА ФАЗА, ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО М20 (ДИВИЗИЈА Б)
13. јули (петок)
Летонија - МАКЕДОНИЈА
почеток 19:30

15. јули (недела)
МАКЕДОНИЈА - Белгија
почеток 17:15

17. јули (вторник)
Азербејџан - МАКЕДОНИЈА
почеток 15:00

18. јули (среда)
МАКЕДОНИЈА - Белорусија
почеток 19:30