Селекторот на нашата репрезентација во машка сениорска конкуренција, Јорданчо Давитков, денес на прес-конференција ги потенцира неговите грижи пред јавноста во врска со неговиот професионален клупски ангажман како и обврските кон кормилотот на репрезентацијата.

Одигравме добар циклус, се пласиравме во следната рунда од претквалификациите за ЕП 2021 што беше главната цел. Во тие, натпревари, со исклучок на последниот, се врати тимскиот дух во репрезентацијата. Оваа прес-конференција е на моја иницијатива за да нема некои непроверени информации и шпекулации. Термините на ФИБА и во јуни и сега во септември не можам да ги разберам. Уште по завршувањето на првенството во Кувајт имав разговори со луѓето во клубот. Барав од нив да бидам слободен во февруари и ноември и беше се в ред. Ме пуштија во февруари, беше се договорено за ноември, но доаѓа септемврискиот циклус каде треба цел август да бидеме на подготовки. Во разговор со челниците добив дозвола да бидам со репрезентацијата, но најмногу 20 дена. Ако имаме подготовки од 35 дена е тешко и нереално да се очекува дека клубот ќе ме пушти. Најлесно е да кажам заминувам и ви благодарам за се, но мислам дека бев должен пред сите вас да ја изложам целата ситуација. Постојат две опции: првата е да имаме подготовки од 35 дена, а втората е играчите да се подготвуваат со своите клубови, а да почнеме подоцна и заедно да бидеме околу 20 дена. Сите заедно ќе се договориме што ќе правиме. Што се однесува до противниците во претквалификациите, Косово ни е должник и треба да се реваншираме, а Романија е солодна екипа. Ако сме комплетни, верувам во успех - истакна селекторот.

На куси прашања од новинарите одговараше и Спортскиот Директор на МКФ, Владимир Темелковски.
Цел на Федерацијата е да се да овозможат најдобри можни услови на кошаркарите за победа. Целта е да створиме победничка атмосфера, тоа било цел до сега, а тоа ќе биде и во иднина. Но, се случува во одредени категории во кои играчите го чувствуваат играњето за Македонија како терет. Нема никого да тераме со сила да игра, тоа треба да биде привилегија и чест. Во наредните неколку дена ќе ги дефинираме сите работи и ќе излеземе со официјален став. Се надевам дека ќе останеме во ист состав и дека со клубот ќе дојдеме до договор и ќе имаме нормални припреми. Репрезентацијата треба да биде приоритет за сите нас. - потенцира Темелковски.