18.09.2018

Финален турнир од 3х3 лигата!

Караванот 3х3 се паркира во Скопје!

Сите патишта ќе водат кон Скопје претстојниот викенд - караванот 3х3 пристигнува кон својата конечна дестинација каде ќе остане паркиран два дена!

Мобилниот терен за 3х3 ќе биде монтиран на плоштадот „Македонија“, а честа да ја затворат премиерната сезона од овој тип на натпреварување ќе имаат дванаесет екипи во машка сениорска конкуренција и осум женски. И женскиот и машкиот турнир, впрочем како и сите турнири од лигата одржани досега, ќе бидат FIBA Endorsed.

Вкупно пет турнири ширум Републиката беа одржани во првата сезона. Првиот се одржа во Skopje City Mall, а речиси еден месец подоцна беше одржан и првиот FIBA 3x3 Satellite турнир на просторот на Република Македонија, во Охрид. Следеа турнири во Гевгелија, Пробиштип и во Свети Николе.

Како што и беше планирано, финалниот турнир на кој ќе се борат најдобрите дванаесет екипи од досегашните турнири ќе се одржи во нашата престолнина. Двата дена (22. и 23. септември) возбудувањата ќе започнат во 16:00 часот.

Вкупниот награден фонд изнесува 4.500 евра. Покрај главната парична награда, натпреварувачите ќе можат да се борат во забивање и во шутирање тројки, а ќе има и многу активности за публиката. За расположението на сите присутни ќе бидат задолжени бројни аниматори, жонглери и танчери, а за музиката повторно ќе бидат задолжени DJ Goce SAF, DJ Chvare и DJ Drazi Drags. 

Покрај теренот ќе биде поставен и посебен кош на кој еден шут ќе чини 100 денари. Сите собрани средства ќе бидат донирани за шестгодишната Анастасија Стројмановска која се бори со акутна леукемија.

Следниот ЛИНК води кон официјалниот настан на FIBA events веб-страницата.