28.01.2017

МКФ ја информира јавноста за поводот за изрекување на суспензија за четири клуба од ПЛМ

Соопштение во врска со суспензијата на четирите клубови од ПЛМ

Македонската кошаркарска федерација ја информира јавноста за последните случувања, поврзани со суспензиите на неколку екипи од Првата кошаркарска лига, поради неподмирување на долговите кон Федерацијата. Би сакале хронолошки да ја информираме јавноста за сите работи кои им претходеа на суспензијата. 

Пред почетокот на сезоната 2016/2017 во Првата кошаркарска лига Управниот Одбор при МКФ донесе одлука за висина на таксите за странските кошаркари. Потоа следуваа неколку состаноци меѓу раководството на МКФ и членовите на Здружението на клубови од Првата лига. 
Сето ова потоа кулминираше со зaеднички договор меѓу МКФ и Здружението на клубови од Првата лига.

Договор според кој Федерацијата ќе ја прифати иницијативата на неколкуте клубови за свикување на Вонредно Собрание на МКФ, а канцеларијата на Федерацијата до клубовите ќе ги достави фактурите со вкупни суми за надомест за регистрација на странските кошаркари, од кои клубовите треба да ја платат само обврската кон ФИБА , а остатокот од средствата да биде платен во целост, еден ден по Вонредното Собрание на МКФ, кое се одржа на 15.12.2016 година, со барања за гласање, доверба/недоверба на претседателот на МКФ Петар Наумоски. 

По завршувањето на Вонредното Собрание на МКФ, на кое претседателот Наумоски ја доби доверба од мнозинството на делегати, раководството на МКФ јавно го пролонгираше датумот за доплата на преостанатиот дел од таксата за регистрација на странски кошаркари до 20.01.2017 година. 

Но, и покрај сите разбирања и заложби на раководството на МКФ, одредени клубови не го почитуваа договореното и се обидуваат преку нови состаноци на Здружението на клубови од Првата лига да го прекинат договорот, претходно прифатен од сите. 

На тој начин тие им нанесуваат штета не само на поголемиот број на клубови кои го испочитуваа договореното и веќе ги подмирија своите обврски кон МКФ, туку и на самите себе и на клубоите со кои раководат. 

Актуелното раководство на Македонската кошаркарска федерација од самиот почеток па сè до денес се бори за воспоставување и почитување на редот, правилниците и Статутот на МКФ, кои самите членки на федерацијата ги имаат изгласано.

Кошарката е спорт кој бара почитување, единство и целосно применување на пропозиции и акти, кои на сите добро им се познати, во спротивно сè би било класична лакрдија.