Генералниот секретар на МКФ, Моника Гаврилоска, заедно со Спортскиот Директор на МКФ, Владимир Темелковски, денеска во просториите на Македонската кошаркарска федерација одржа состанок со претставници на клубови кои претстојната сезона (2018/2019) ќе бидат вклучени во систем на натпреварување во младински категории во женска конкуренција. 

На состанокот беа потенцирани односно потврдени некои членови од Пропозициите односно Правилникот за натпреварување на младински лиги.

Кадетската и јуниорската лига во женска конкуренција (М16 односно М18) ќе започнат на 13. октомври. Лигата во генерацијата до 14 години ќе започне една седмица подоцна, на 20. октомври. Засега, клубовите немаат пријавено учество во лига за кошаркарки до 12 години. 

Беше потенцирано дека една кошаркарка може да настапува најмногу во две екипи, а играчите до 14 години (родени 2004 година и помлади) треба да приложат посебна лекарска белешка за дозвола за настап со сениорска екипа. Рокот за доставување термин и сала (домаќин) за одигрување на натпревар – среда до 12:00 часот.

Акцент се стави и на откажувањето на екипите во текот на сезоната. Реперкусиите од откажување во текот на сезоната можат да се погледнат детално во Правилникот за натпреварување на младински лиги (член 32).

Македонската кошаркарска федерација се надева дека претстојната сезона, како во женска така и во машка младинска конкуренција, лигите ќе се одвиваат без проблеми и дека ќе бидат успешни.