Македонскиот олимписки комитет (MOK) во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), на 29. октомври 2018 година ќе ја започне Олимписката обука за напреден спортски менаџмент (седма генерација), за која силно смета дека е основа и еден од главните фактори за постигнување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти.

Станува збор за многу обемна и квалитетна едукативна програма која претставува теоретско-практична платформа за унапредување на работата во рамките на Олимписките спортски организации (ОСО) во кои спаѓат спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, НСФ-ии, спортските медиуми, Меѓународните спортски федерации, Националните олимписки комитети, ИОК, Организационите комитети на спортските настани, државните институции и другите. Наведениот едукативен програм е со траење од 6 модули, почнувајќи од 29. октомври тековната календарска година до март 2019 година.

Програмата на обуката во целост е пропишана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:

  • Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
  1. Уредување и организација на ОСО-ии;
  2. Стратешко управување на ОСО-ии;
  3. Управување со човечки ресурси на ОСО-ии;
  4. Управување со финансии на ОСО-ии;
  5. Спортски маркетинг на ОСО-ии;
  6. Организирање на спортски настани;
  7. Работа на Спортско Арбитражниот суд; и
  8. Анти-допинг едукација.

Кандидатот кој ќе биде предложен треба да е предложен од страна на соодветната институција (официјален допис од НСФ или спортскиот клуб преку НСФ), да поседува диплома за завршено високо образование и да достави потврда за познавање на англиски јазик.

Надлежното тело во Македонскиот олимписки комитет, по добивањето на сите доставени апликации ќе направи селекција и ќе избере 20-25 кандидати кои ќе учествуваат на оваа обука.

Кандидатите кои ќе бидат селектирани, ќе мора да бидат 100% присутни на сите предавања од оваа обука, а едно одсуство ќе значи дека кандидатот се откажал од обуката и не е во можност да ја продолжи/заврши истата. По секој завршен модул (предавање), кандидатот мора да изработи труд во врска со секој од горе наведените модули. Ненавременото доставување на трудот ќе значи дека кандидатот се откажал од обуката и не е во можност да ја продолжи/заврши истата.

Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во администрацијата на ОСО во Македонија и ширум целиот свет.

Македонскиот олимписки комитет се надева дека националните спортски федерации ќе предложат свој/свои кандидат(и), ќе ги информираат спортските клулбови-членки на Националната спортска федерација и дека најдоцна до 25. октомври 2018 година ќе пријават свои кандидати на електронска пошта: mok@mok.org.mk, со што ќе покажат дека ја препознале вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот и унапредување на работата на спортскиот систем во Република Македонија.