27.09.2018

тренерот на светските шампиони доаѓа в Скопје

Данило Лукиќ со 3х3 семинар во Скопје!

Девет години стои ’тренер’ во неговото резиме, а од 2014 година Данило Лукиќ додаде уште една импресивна ставка – тренер на 3х3 тимот кој доминира во овој свет во последните неколку години, Нови Сад Ал Вахда (Novi Sad Al Wahda).

Иако според основните правила во 3х3 кошарката не се дозволени тренери, Данило Лукиќ попознат како coach Datcha постојано работи со момците од Нови Сад кои се неприкосновени на врвот во 3х3 светот.

Физичка подготвеност, тренинзи за издржливост и тактики се само дел од работите на кои се фокусираат шампионите од Србија со тренерот кој во последните неколку години работи со националните 3х3 селекции на Србија во машка и во женска конкуренција.

Данило Лукиќ претстојниот викенд ќе биде гостин в Скопје и заедно со здружението 3х3Macedonia ќе одржи кус семинар за тренери во 3х3 како и демонстративен тренинг. Семинарот ќе се одржи в сабота (29. септември) во конгресната сала при спортскиот центар „Борис Трајковски“, со почеток во 14:00 часот и ќе трае до 16:00 часот, а во 17:00 часот во истиот спортски центар ќе се одржи и демонстративниот тренинг.

Предавањето на Лукиќ ќе опфати општи теми за 3х3 баскетот, системот на натпреварување, а на демонстративниот тренинг ќе бидат потенцирани спецификите за подготовка (техничка и кондициска) за 3х3 турнири.

Семинарот и демонстративниот тренинг се отворени за секој заинтересиран кој сака да присуствува.