Денеска (13. декември, 2018 година) во Белград, Србија беше одржан ждребот за сите млаиднски европски првенства кои ќе се одигруваат идната година.

Македонската кошаркарска федерација ги пријави сите возрасни категории во машка конкуренција (М20, М18 и М16) додека во женска конкуренција пријави две категории (М18 и М16).

Идната календарска година (од 5. до 14. јули), МКФ ќе биде организатор на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркарки до 18 години на кое своето учество (покрај Македонија) го пријавија уште 22 земји. Ждребот посака да нашите кошарарки бидат во група заедно со врсничките од Романија, Грција, Ирска, Словачка и Австрија.

Кадетките пак, кои  ќе учествуваат на Европското првенство (дивизија Б) кое ќе се одржи во Софија во периодот од 15. до 24. август, ќе разигруваат со врсничките од Холандија, Украина, Луксембург и домаќинот Бугарија.


Младинците (М20 возрасна категорија) ќе разигруваат во Португалија во периодот од 12. до 21. јули против врсниците од Словачка, Белгија, Луксембург и домаќинот Португалија.

Јуниорите ќе отпатуваат за Романија и од 26. јули до 4. август ќе се надигруваат со соодветните селекции на Грузија, Украина, Ирска, Данска и Словачка.

Кадетите пак, кои единствени идното лето од сите наши младински репрезентации ќе настапуваат на Европско првенство А дивизија, ждребот посака да бидат сместени во група заедно со соодветните селекции на Шпанија, Израел и Летонија. Континенталниот собир ќе се одржи од 9. до 17. август, во Удине, Италија.