17.12.2018

МКФ организатор на уште едно младинско европско првенство во 2019 година!

Идната календарска 2019 година Македонската кошаркарска федерација ќе биде организатор на две младински европски првенства. По добивање на правото за организација на Европското првенство за кошаркарки до 18 години (дивизија Б), централниот одбор на Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА на вонредна средба одлучи да ја прифати кандидатурата на МКФ за организација на уште едно првенство идната година и тоа од првата дивизија, првенство на кое нема да учествува македонска репрезентација.

Ова е уште едно признание за МКФ од страна на ФИБА, доказ дека во изминативе години бевме одлични организатори на ЕП од младински категории потврдено е и препознаено од ФИБА со тоа што за првпат се доделува организација на ЕП од А Дивизија(откако е воведена), а да не сме ниту учесници на истото. Заедно со Претседателот Наумоски го искористивме патувањето на ждребот во Белград, преку добрите конекции и однос со раководните луѓе на ФИБА-Европа се договоривме за уште една соработка, тоа е ЕП М16 А Дивизија - жени, кое воедно би било добар тест доколку во иднина се отвори можност за организација на европски па и светски првенства од највисок ранг. Нè очекува уште едно богато лето, што со учество на соодветните ЕП во младинските категории, така и како домаќини на најдобрите младински селекции од стариот континент. - истакна Генералниот Секретар на МКФ, Моника Гаврилоска.

Европското првенство за кадетки ќе се одигра во нашата престолнина Скопје, во периодот од 22. до 30. август 2019 година.