Изминатиот викенд, Македонската кошаркарска федерација во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, одржа семинар на жени во спорт на кој, покрај предавачите и организаторите, учество земаа жени кои се тренери во кошаркарски клубови во Република Македонија, судии, физиотерапевти и делегати.

Се говореше на тема законот за спорт и колку е жената како битие опфатена со тој закон, изготвена од Татјана Блажевска од Агенцијата за млади и спорт. Колку жената е застапена во спортот во Македонија генерално, колку жени се на високи функции или пак вработени во националните спортски федерации, а по презентирање на фактите низ бројки следеше дебата за тоа дали и колку треба да има промена на овој закон.

Деканот при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Ленче Алексовска-Величковска презентира на темата ’Жената спортист, состојби и перспективи’, конкретно зборувајќи за застапеноста на жени спортистки, еднаквоста на половите во спортот, како и потребата да се изготви програма за поттикнување на самодовербата, храброста кај жените во спортот, но и за инспирирање на најмладите, особено женскиот дел од популацијата, да се занимаваат со спорт.

На крајот на презентирањето сите жени кои земаа учество во семинарот земаа збор и ги потенцираа проблемите со нееднаковста со која се соочуваат на своето работно место, во спортот и во животот.

Македонската кошаркарска федерација сака да им се заблагодари на сите жени во спортот кои учествуваа на семинарот и на сите жени кои секојдневно се соочуваат со нееднаквост и се доволно храбри да се борат за исти права.