18.01.2019

ПЛЖ и ВЛМ со една седмица задоцнување

Старт на вториот дел од првенството во ПЛМ

Кошаркарските возбудувања на ниво на нашата Република продолжуваат претстојниот викенд. Клубовите кои се натпреваруваат во Првата лига во сениорска машка конкуренција в сабота и в недела (19. и 20. јануари) ќе ги одиграат натпреварите според календарот за натпреварување од вториот дел од првенството односно од дванаесеттото коло.

Календарот за натпреварување предвидува Првата лига во сениорска женска конкуренција да започне една седмица подоцна (26. јануари), идентично ќе стартува и вториот дел од сезоната во Втората лига, во двете конкуренции – Исток и Запад.

Машката сениорска прва лига заврши со актуелниот шампион Работнички и Блокотехна на врвот на табелата со идентичен број на бодови пред МЗТ Скопје Аеродром, Гостивар, Фени Индустри, Кожув, Куманово, АВ Охрид, Вардар, Пелистер и Шкупи како последен во оваа конкуренција.

Дванаесеттото коло, прво во календарската 2019 година, ќе го отворат Пелистер и Фени Индустри со меѓусебен дуел закажан за в сабота (19. јануари) со почеток во 14:00 часот во спортската сала во Охрид. Четири часа подоцна ќе се одиграат уште два натпревара и тоа Куманово против Вардар односно Кожув против Гостивар. Колото ќе го одбележи дербито на врвот на табелата помеѓу тимовите на МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна кои ќе се надигруваат в недела (20. јануари) со почеток во 19:00 часот. Натпреварот ќе биде пренесуван и на националниот телевизиски сервис (МРТ). Колото ќе го заокружат Работнички и АВ Охрид со пресметката закажана за в среда (23. јануари) со почеток во 18:00 часот. Кошаркарите на Шкупи се слободни во ова коло.

Кај дамите прворангираниот од првиот дел од сезоната Бадел 1862 ќе ги нагости кошаркарките на Струга 2009 кои првиот дел го завршија на третото место на табелата. Вардарки ќе го нападнат првото место на табелата на гости кај Пелистер кои го делат четвртото место со Работнички. Новајлијата во македонската женска кошарка ќе гостува во Македонска Каменица кај Баскет Кам кој се наоѓа на седмото место на табелата заедно со Гостивар. Патриот 2016 (10. место на табела) од Делчево ќе гостува во Гостивар додека колото ќе биде комплетирано со натпревар помеѓу последнорангираниот Шкупи и Трокал кој се наоѓа на деветтата позиција на табелата во женската прволигашка конкуренција. Во ова коло слободен е тимот на Крива Паланка.

Во втората лига во машка сениорска конкуренција – исток, тимот на Академија ФМП ќе се обиде да го задржи перфектниот скор од 8-0 и првото место на табелата нагостувајќи го тимот на Спарта.ТФТ ќе го предизвика тимот на Карпош Соколи, Баскет Дино ќе го нагости димот на Баскет Кам. Последнорангираниот тим на Милановски ќе гостува кај МЗТ Скопје Аеродром додека слободни се екипите на Крива Паланка и на Борец Баскет.

Во конкуренцијата – запад Ангели и Тетекс како прворангирани ќе ги пречекаат Феникс 2010 односно Спортисимо, Хераклеа ќе разигрува со Работнички, Црн Фрим со Чаир 2030, а колото ќе го заокружат тимовите на Спорт Тим и Гостивар.