Во ноември 2017 година сениорската репрезентација на Македонија ја започна мисијата врачање во евроквалификациите. По осум одиграни натпревари, на кои беа запишани шест победи и два пораза, нашите сениори го постигнаа зацртаното и успеаја да се пласираат во квалификациите за ЕП2021. 

Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Натпреварот беше исклучително важен за двете репрезентации и мислам дека затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Го остваривме тоа кое го планиравме одамна – се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме повеќе и подобро. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени. Не сум среќен со начинот на кој игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Се мачевме две години за да стигнеме до евроквалификациите, а тоа што сега ни претстои е различна приказна. - се првите мисли на селекторот Јорданчо Давитков по завршување на последниот натпревар од оваа претквалификациска фаза.

Првиот прозорец на квалификациите е закажан за втората половина од месец ноември.