Раководството на Македонската кошаркарска федерација во изминатиот период успеа да се избори и да добие дополнителни места за номинирање на кандидати за ФИБА арбитри за периодот за лиценцирање на судии „2019-2021“.

Првичната одлука на одделот за развој на судии при ФИБА донесе одлука да и додели право за номинација на пет кандидати на Македонската кошаркарска федерација, но брзата реакција и активното залагање на раководството вроди со плод и со зголемување на бројот, како за кандидати судии така и за бројот на делегати. МКФ ќе номинира осум арбитри и три делегата за периодот 2019-2021.

МКФ ќе ја искористи приликата и за првпат во историјата на Република Македонија ќе биде номинирана и жена судија - Бисера Јакова која во моментов е единствената жена која ја дели правдата на кошаркарските натпревари ширум републиката.

Кандидатите кои ќе бидат номинирани ќе мораат да ја посетуваат клиниката за ФИБА арбитри и делегати, а потоа успешно да ги положат тестовите (познавање на англиски јазик, кошаркарски правила и физички тест) за да се здобијат со статус на меѓународни судии и делегати.