Нашата јуниорска машка репрезентација во изминатите десет дена зема учество на Европското првенство за кошаркари до 18 години, дивизија Б, и го освои четвртото место. 

Репрезентативците во состав Виктор Ташовски, Виктор Златевски, Дарио Митевски, Лука Савиќевиќ, Павел Данаиловски, Марко Миловановиќ, Андреј Јакимовски, Виктор Исајлоски, Дамјан Бошковски, Никола Кацарски, Лејсон Зеќири и Андреј Андоноски, предводени од стручниот штаб на чие чело стоеше Тони Симиќ со соработниците Нермин Пепиќ, Никола Велев, Анатолиј Романов и Андреј Јованоски, денеска одржаа неофицијален прием заедно со Генералниот Секретар на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Владимир Георгиевски, Спортскиот Директор Тодор Гечевски, член на Управниот Одбор Ѓорѓи Војновиќ како и Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

Раководството на КФСМ ја поздрави одличната игра на јуниорите кои ни донесе полуфинале на првенството кое се одигра во Орадеа, Романија.

Младите талентирани играчи го оставија срцето на терен бранејќи ги националните бои, а ниту еден сограѓанин не остана рамнодушен на секој реализиран поен. Нивната храбра игра на теренот им носеше радост на сите кои будно ги следеа натпреварите. 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, го потенцира и ненадминливиот труд на репрезентативците и на целиот стручен штаб за запишаниот успех на првенството. Само со напорна работа и упорност може да се постигнат зацртаните цели.

Времето на овие млади кошаркари кои треба да се темелот на кошаркарската иднина на нашата држава допрва доаѓа.