07.08.2019

Кадетите заминаа за Италија

Нашата кадетска репрезентација денеска замина за Удине, Италија каде во периодот што следи ќе земе учество на Европското првенство за кошаркари до 16 години.

Репрезентативците до 16 години тренираа во Скопје, одиграа пријателски натпревари на домашен и на гостински терен, а непосредно пред заминувањео одработија и подготовки во Маврово за финално темпирање на формата.

Кадетите прво разигруваа со соодветната национална селекција на Турција, во Скопје, и запишаа две победи со 69-63 и со 70-63. Потоа следеа пријателски натпревари на меѓународен турнир во Габрово, Бугарија против Украина, Романија и против клубовите НАБА и ИБЦ. Од турнирот Дервишевиќ се врати со максимални четири победи. Следеше пријателски меѓународен турнир во Скопје на кој кадетите запишаа две победи, против Полска и против Чешка.

На континенталниот собир, нашата репрезентација ќе разигрува со своите противници од Летонија, Израел и од Шпанија во рамки на групата Б. Првиот натпревар е закажан за 9. август против Шпанија. Потоа следи дуелот со Израел, ден подоцна, а групната фаза од натпреварувањето ќе ја заокружиме со натпревар против Летонија на 11. август.

Распоредот на натпревари, статистика и пренос во живо како и фотографии од натпреварите кои ќе ги игра нашата репрезентација можат да се следат на следниот ЛИНК.