Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија вчера одржа неформална средба со претставници на јавните гласила со цел да се појаснат и да се презентираат досегашните активности на раководството како и идните планови поврзани со работењето.

Во изминатите четири месеци откако новото раководство на чело со Претседателот Перо Антиќ го презема кормилото на куќата на кошарката на Северна Македонија реализирани се неколку точки од програмата за кандидатура презентирана пред јавноста.

Беше најавено дека кошарката конечно ќе добие свој дом – и доби. Кошаркарската федерација на Северна Македонија веќе од 2. јули е траен концесионер на спортската сала „Кале“ (голема). Во текот на целиот летен период, голем дел од националните младински селекции кои се натпреваруваа на меѓународни првенства и турнири низ Европа своите подготовки ги обавуваа токму во спортската сала „Кале“. Раководството на КФСМ им овозможи одлични услови за работа на репрезентациите, како и опрема за настап на првенствата, но и за надвор од терените.
Кон крајот на летниот период, непосредно пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, на сениорските репрезентации во машка и во женска конкуренција им беше овозможено да тренираат во салата „Кале“ заедно со искусни тренери. Двете сениорски репрезентации ќе земат учество во квалификациите за континенталните собири во соодветните конкуренции, а веќе се реализирани голем дел од обврските за организација на двата тима.

Подготовките за новата натпреварувачка сезона се во полн ек. За првпат во десет календарски години се исплатени сите такси на официјалните лица (судии и делегати).
На клубовите кои ќе се натпреваруваат во Првата лига во машка сениорска конкуренција им беа донирани по 10 топки Spalding TF-1000, кои беа најавени неколку седмици пред остварување на ветеното. Топките се од највисок квалитет и се задолжителни за сите натпревари кои екипите ќе ги играат во рамки на организација на КФСМ.
Перо Антиќ и неговите најблиски соработници имаа бурно лето пред себе од официјалното преземање на раководните позиции.
На КФСМ и претстоеше организација на две младински континентални првенства, Б и А дивизија, како и организација на камп во рамки на развоен проект насловен „Заедно до М16“, признат од ФИБА.

Сè со цел подобро да се одвиваат првенствените натпревари, КФСМ заедно со Судиската Комисија организира судиски семинар со предавачи од странство, а беше организирана и првата меѓународна клиника за судии на која учествуваа домашни судии и судии од странство.

Тренерите кои ги предводат тимовите во домашните натпреварувања, за неколку дена ќе добијат прилика да слушаат предавања од реномирани тренерски имиња кои оставиле траг зад себе во својата досегашна кариера. Октај Махмути, Душан Ивковиќ и Ненад Труниќ ќе предаваат на задолжителниот тренерски семинар насловен „Лазар Лечиќ“.

„Нашата замисла како тим е да оваа федерација работи законски и транспарентно, без разлика за кој аспект од кошарката станува збор. Впрочем поради тоа и ја свикавме оваа неофицијална-неформална средба со вас бидејќи сигурни сме дека имате многу прашања на кои не сме дале одговори. Ние федерацијата ја преземавме во период кога завршуваа првенствените натпревари во домашните лиги, а ни претстоеја и Европски првенства – и за организирање и за опслужување на репрезентации кои настапуваа ова лето. Во тек се неколку инспекции, на досегашното работење на сите структури во федерацијата и пронајдени се низа неправилности за кои ќе се произнесеме дополнително. Тимот на КФСМ кој е овде пред вас презема неколку чекори во работата во рамки на краткиот период откако ја презема функцијата со кои веруваме дека кошарката нема да застане каде што е туку ќе оди само напред. Успеавме да добиеме и наша спортска сала во која се надеваме дека ќе се преселиме комплетно и ќе им овозможиме уште подобра работа на националните тимови. Една од најнепосредните активности кои успеавме да ги реализираме пред оваа средба беше донација на топки на клубовите од првата машка сениорска лига.“ – Претседателот Перо Антиќ ги брифира претставниците на медиумите присутни на неформалната средба.

„Ние ја добивме спортската сала на користење и се надеваме дека со тоа ќе им овозможиме поголема шанса на репрезентативците кои сакаат да работат на себе во кое било време. Без разлика дали се младински или сениорски репрезентативци. Сакаме да назначиме селектори кои нема да работат само преку летниот период со репрезентативците, туку и преку подолг временски период. Ги прегледавме извештаите на сите селектори кои ова минато лето ги водеа репрезентациите, а со Стручниот Совет ќе разговараме што ќе се случува во периодот што следи кога станува збор за младинските репрезентации“ – истакна Спортскиот Директор, Тодор Гечевски.

Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, ги информира претставниците на медиумите околу селекторските позиции во сениорските репрезентации.

„Договорите на селекторите Јорданчо Давитков и Марјан Лазовски се завршени и истечени. Точно е дека сме веќе во преговори со тренери и за двете позиции, но сè уште ништо не е официјално. Летово Владимир Ѓоровиќ го прифати предизвикот да тренира заедно со женскиот сениорски тим, а понатаму ќе биде разговарано за официјално негово назначување на селекторската позиција. Во преговори сме со неколку тренери за селекторската позиција на машката репрезентација, кога ќе имаме нешто конкретно тоа сигурно транспарентно ќе биде претставено пред сите“ – Дополни Претседателот Антиќ.

Претставниците на јавните гласила добија одговори на нивните прашања поврзани со она што и претстои на кошарката на домашната сцена, почетокот на натпреварувањата во сениорски и во младински категории.

„Се финализира изработката на правилниците и на пропозициите за натпреварување во младински и во сениорски категории кои ќе бидат усвоени на наредната седница на Управниот Одбор закажана за идниот понеделник - 23. септември. Во овие правилници и пропозиции ќе бидат променети некои членови кои досега креираа уште повеќе нејаснотии кај клубовите кои се натпреваруваат во лигите на КФСМ. Поради тие пропозиции и правилници имавме и несакани ситуации околу тоа кој има право да учествува во Првата машка лига. Ние имавме неколку состаноци со клубовите кои изразија желба да бидат дванаесеттиот клуб во ПЛМ на местото на Блокотехна, а за жал во јавноста тоа се пренесе како наше фаворизирање на некои одредени субјекти што воопшто не е точно. Истото се случи кога зборувавме и за услови во спортските сали каде клубовите ги одигруваат натпреварите. Ние не ги измислуваме тие правила, туку тие се наложени од ФИБА. Сосема е неточно дека ние со суспензија на одредена сала всушност сакаме да оштетиме некој клуб. Како раководство на федерација, ќе се обидеме да им помогнеме на клубовите во рамките на нашите можности“ – Појасни Комесарот за натпреварување, Лазар Гечевски.

„Сакаме кошарката да оди напред, но моравме да направиме ревизија околу досегашното работење за да знаеме на што сме бидејќи класично примо-предавање на функцијата и немаше. Се ревидира годината 2018 како и првата половина од тековната година, најмногу поради неизгласаниот финансиски извештај на претходното Собрание на федерацијата. Беа пронајдени неправилности во водење на финансиите и поради тоа се уште трае ревизијата. Меѓу другото ревизорите утврдија дека нема записници околу примопредавање на опремата односно белешки за магацинското работење. Ревизијата е сè уште во тек така што не би можеле да ги обелодениме сите детали околу ревизорскиот извештај. Во моментов не сме известиле државни органи за пропустите досега најдени од страна на ревизијата, но тоа не значи дека во иднина тоа нема да се направи“ – потенцира Владимир Георгиевски, Генералниот Секретар на КФСМ.

Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија им даде до знаење на присутните дека федерацијата ќе продолжи да работи транспарентно, законски и со полна пареа, во правец на правилен развој на кошаркарскиот спорт.