Екипата на Хувентуд за која настапува нашиот млад репрезентативец Ненад Димитријевиќ, стигна до исклучително важна победа, и тоа на гостински терен.

Совладана е екипата на Фуенлабрада со резултат (98:95).

На овој интересен меч во кој победникот се решаваше во последните минути, Димитријевиќ одигра 12:28 минути и притоа реализираше шест поени (1/2 за три, 1/1 за два и 1/2 за еден поен). Освен тоа, оствари и по два скока и асистенции.

По десет одиграни кола, со ефект (6-4), тимот од Бадалона е на шестата позиција во Ендеса лигата на Шпанија.

Актуелниот македонски репрезентативец, Шејн Витингтон, сега играч на Реал Бетис, беше најдобриот поединец кај „зелено-белите“ на гостувањето кај Тенерифе.

Високото крипо постигна 22.поени, најмногу во екипата од Севиља, имаше и осум скока и една асистенција, но недоволно за победа.

Тенерифе славеше со (94:89).

Со скор од две победи и осум порази, Бетис е на последното, 18. место во веројатно најсилната лига на Стариот континент.

*Стојан Ѓуроски и неговиот Евре запишаа триумф во француската ПРО Б лига. На домашен терен беа подобри од Лил, славеа со сигурни (73:62).

Репрезентативното крило како стартер реализираше девет поени, сите зад линијата за три поени (3/7), а ги дополни со уште четири скока, едно додавање, една блокада и една загубена топка, сето тоа за 19.минути поминати во игра.

По седум одиграни натпревари и ефект (3-4), Евре се наоѓа на 12. позиција на табелата во ПРО Б лигата на Франција.

*Ниту доаѓањето на Предраг Самарџиски не донесе многу позитивни работи во играта и резултатите на екипата на Самсун. Овој турски второлигаш забележа уште еден пораз во рамките на ТБЛ лигата. И тоа на домашен терен каде подобри од нив беа кошаркарите на Фетије (69:60).

Искусниот центар остана на теренот цели 38. минути. Дојде до дабл-дабл ефект изразен преку 10.поени (5/11 за два и 0/2 за еден поен) и 11. скока, плус и три додавања, четири загубени топки и една блокада.

Ова е шести пораз во седум одиграни меча за Самсун кој сега е на 14.позиција на табелата во турската второлигашка конкуренција.