Еден од лидерите во најсилното натпреварување кај нас е домаќин на младиот состав на Куманово 2009, додека пак оној вториот, МЗТ Скопје Аеродром е пред сериозен предизвик во неделниот меч во Кавадарци против Еуро Никел 2005...

 

Осмото коло од Првата лига-мажи носи нови возбудувања. Распоредот вели дека овој круг од натпреварите е поделен на три дела. Затоа што освен викенд-дуелите, поради поместувањето поради настап на меѓународен турнир, екипата на МЗТ Скопје Унибанка својот меч против Пелистер ќе го одигра неколку дена подоцна, односно на 4. декември.

За сабота се предвидени три натпревари, Вардар-Работнички, Кожув – Академија ФМП и Гостивар – Куманово 2009, а ден подоцна е дуелот Еуро Никел 2009 – МЗТ Скопје Аеродром.

Сите овие натпревари се закажани во еден термин – 18. часот.

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ

Соседскиот дуел „Под Кале“ против Вардар се чини дека доаѓа во вистинско време за тимот од „Градски Парк“.

Работнички (скор 4-3) е во евидентна криза на игра и на резултати, па тоа некаде мора да се сопре. А претстојните 40.минути против младиот и недоволно искусен тим во „црвено-црна“ комбинација на опремата, е идеална прилика за тоа. 

Зад некогашниот шампион се дури три порази во седум одиграни кола, што веројатно е и преголема бројка на неуспеси за така трофеен тим каков што сега од клупата го предводи дебитантот Димитар Мираковски. Посебно тешко им падна катастрофата во вечното дербо против МЗТ Скопје, доживеана пред својата публика во „Градски парк“.

Од друга страна Вардар имаше само една добра четвртина на гостувањето во Кисела вода против Академија ФМП. Секако премалку за да се стигне до вториот првенствен успех во сезоната. Мечот со ранетиот лав“ е добра шанса за сензација.

КОЖУВ – АКАДЕМИЈА ФМП

„И на средбата со Вардар, екипата покажа дека полека ја качуваме формата, дека полека работите одат на своето место. Далеку од тоа дека играта беше идеална, но јас сум задоволен од ангажманот на моите играчи. Секогаш се може и повеќе, би рекол дека против Кожув и мораме да бидеме подобро од што бевме досега. Сепак, не е исто кога играш дома или на гостински терен. Тие се во предност, можеби и затоа што имаат доста поискусни играчи од нашите. Но за нас зборот предавање не постои. Ќе излеземе на теренот во Гевгелија со желба да победиме – најавува Игор Гацов предводникот од клупата на скопските „пантери“.

ГОСТИВАР – КУМАНОВО 2009

Пред саботниот меч со Куманово 2009, кошаркарскиот клуб Гостивар, донесе одлука за доделување на хуманитарна помош на семејствата погодени од разорниот земјотрес во Албанија.

За таа цел влезниците за натпреварот КК Гостивар - Куманово ќе се продаваат по цена од 100 денари, а собраните средства од влезниците ќе бидат донирани како директна финансиска помош на настраданите во земјотресот.

„Нашата верна публика ја има покажано својата големина во многу наврати. Овојпат помошта им е потребна на нашите соседи од Албанија. Сите љубители на кошарката, но и сите хумани луѓе ги повикуваме да дојдат да ги бодрат нашите кошаркари и ја покажат својата хуманост“- повикуваат гостиварци.

За средбата против Куманово 2009, шефот на стручниот штаб, Марјан Србиноски, пред се испраќа своевидно предупредување.

„Не треба да не залажат нешто послабите резултати на нашиот следен противник, во никој случај. Секој опонент треба да се почитува и тоа максимално. Значи, нема опуштање, сум рекол и порано. Правилниот пристап кон обврските носи подобар резултат на крајот на играта. Истото важи и пред овој меч со Куманово“- вели Србиноски, кој повторно е без помошта на Александар Костоски, кој е во фаза на рехабилитација.

Гостиварецот во редовите на Куманово 2009. Марјан Јанески е свесен што со себе носи овој дуел во „Младост“.

„Тешко гостување, можеби и најтешко за нас во овој прв дел од сезоната. Се знае што носи со себе играњето пред полни трибини, и тоа е голема предност за Гостивар. Сепак, доста работи ќе зависат и од тоа како ние ќе ги одиграме овие 40.минути. Мора да имаме постојаност во играта. Да ги намалиме оние осцилации кои ги имавме на претходните натпревари. Само така ќе се приближиме. Ќе бидмее поблиску до успех на овој меч“- вели силното крило на кумановскиот проволигаш.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 8. КОЛО

САБОТА:

18.00: Вардар – Работнички

18.00: Кожув – Академија ФМП

18.00: Гостивар – Куманово 2009

НЕДЕЛА:

18.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром

4. ДЕКЕМВРИ

13.30: МЗТ Скопје Унибанка – Пелистер