Со неверојатна серија од 22-0 од почетокот на третата четвртина, во само пет минути, „црвено-белите“ од „Градски парк“ го скршија отпорот на Вардар, кој траеше нецело прво полувреме.

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 55:103

(19-22; 12-19; 8-33; 16-29)

Слично како и на дуелот со Академија ФМП, пред една недела, кошаркарите на Вардар имаа одличен почеток. Без премногу респект влегоа во мечот со грогираниот сосед од „Градски парк“.

Во првиот период од играта имаа и водство, навистина не поголемо од четири поени (15:11 и 19:15), но со серија од седум поени по ред, Работнички направи пресврт и на истекот на првата четвртина, гостите поведоа со (22:19).

Новата серија, сега од (9-0), го однесе тимот на Димитар Мираковски и до двоцифрена позитива (39:28). Момент по кој домашата екипа не успеа да се врати. На полувремето Работнички водеше со плус од 10.поени (41:31), десет поени на едната страна впиша Ефремоски, а на другата Робев.

Третата серија на Работнички се покажа како убиствена за вардаровите надежи. Оние 22. неодговорени поени во пет минути, го донесоа Работнички на дотогаш највисоки (63:31).

Дури по седум минути игра во третата четвртина, „вардарци“ дадоа кош (Станимировиќ од линијата за слободни фрлања).

По три порази по ред, стигна петата победа за екс-првакот, доволно за скор (5-3), и приклучок со врвот на табелата.

 

КОЖУВ – АКАДЕМИЈА ФМП      87:78

(15-18, 22-17;26-17;  24-26)

Кошаркарите на Академија ФМП најавија дека патуваат за Гевгелија за да изненадат. Да бидат подобри од Кожув. И таа своја најава гостите од Скопје ја реализираа, но само во првата четвртина, која ја решија во своја корист (18:15).

Скопјани водеа и во 12.минута, (25:21), кога гевгеличани заиграа многу поангажирано во нападот. Притиснаа во одбраната, и четири минути подоцна дојдоа во водство (29:28), кое го сочуваа до истекот на 20. минута (37:35).

Најдобрите моменти кошаркарите на Кожув ги оставија за третата четвртина во која стигнаа и до решавачката предност. Зданавичиус доби подршка од Стајиќ и Мареро, а Кожув стигна до посакуваното. Се одлепи на двоцифрена позитива. По 30.минути водеше со (63:51). Доволно за доста порелаксирана игра во финалниот период во кој гевгеличани ја потврдија победата, за нив шеста во осум мечеви, доволна за делба на позицијата број два.

Зданавичиус дојде до бројката од 31.поен, Стајиќ даде 15, а Караџовски имаше 14.поени кај победникот.

Кај Академија ФМП,  Харис постигна 21, Лонг 15, Нацевски 14, а Стојановски 12. поени.

 

ГОСТИВАР – КУМАНОВО           72:85

(24-18; 18-18; 13-26; 17-23)

Неверојатниот Донован Доналдсон го одбележа првото полувреме од средбата во гостиварски „Младост“. Американскиот бек на Гостивар реализираше дури 25.поени од оние 42, кои ги имаше домашниот тим на истекот на втората четвртина од играта.

Но онаа третата беше резервирана за гостите од Куманово. Јанески и Марковски направија вистински играчки и резултатски пресврт. Комбинирано имаа 35.поени во три периоди од играта, дадоа двојно повеќе поени од противникот (26:13), по кои гостите беа во плус од седум поени (62:55).

Откако „закочи“ Доналдсон, проба Џелетовиќ, но тоа беа премалку сили за лидерот да се врати во мечот. Кумановци немаа намера да запрат, напротив...

Со силата на колективот, во кој освен Јанески и Марковски, се вклучија (поентерски), уште и Младеновиќ (имаше 14.асистенции) односно Т. Атанасов, го креираа најголемото изненадување во ова 8. коло од шампионатот.

Го шокираа лидерот на табелата, му дадоа шанса на МЗТ Скопје Аеродром, со победа во утрешниот дуел со Еуро Никел 2005 да остане осамен на позицијата број 1 во Првата лига.