09.12.2019

ДЕЛЕГАЦИЈА НА НАШАТА ФЕДЕРАЦИЈА ВО СЕДИШТЕТО НА ФИБА: Чекаме добри вести од Минхен

Генералниот секретар Владимир Георгиевски, кординаторот за млади категории во нашата федерација, Мирко Ивановски и координаторот за организација на настани, Јане Петковски, од денеска се во Фрејзинг, место покрај Минхен, каде е закажано да се одржи ждрепката за натпреварувачките групи за наредните евро-шампионати во младинска конкуренција.

 

Освен ждрепката која е предвидено да се одржи на 10. декември (вторник), во периодот од 11. до 13. часот, нашата тричлена делегација ќе биде дел од дводневните„работнилници“ на ФИБА, предвидени за федерациите кои се во улога на организатори на овие настани во текот на наредното лето.

Како што е познато, нашата федерација доби уште едно признание од Меѓународната кошаркарска федерација, односно организација на Европското првенство од дивизијата „А“ во машка конкуренција, за кошаркари „под 16“ години.

Овој важен настан за нашата репрезентативна кошарка биде реализирано во периодот од 14. до 22.август во нашиот главен град – Скопје.  

Покрај машката кадетска репрезентација која е единствена која се натпреварува во „А“ дивизија, КФСМ пријави уште неколку младински репрезентации за учество во континентални првенства во соодветните рангови – дивизии.

Машките младински национални селекции „под 16“ години, „под 18„ и „под 20“ години, идното лето ќе учествуваат на соодветните континентални првенства, додека во женска конкуренција тоа ќе бидат младинските селекции „под16“ и „под18“ години.

Инаку, ФИБА претходно одреди женското кадетско Европско првенство (дивизија Б) да се одигра од 17. до 26. јули во Сараево, Босна и Херцеговина.

Машкото јуниорско Европско првенство (дивизија Б) на програмата е од 24. јули до 2. август во романскиот град Орадеа.

Женското јуниорско Европско првенство  од дивизија „Б“ ќе се одигра од 3. до 12. јули, интересно, во три града во Австрија – Оберварт, Гусинг и Фурстенфелд.

Младинците пак ќе разигруваат на Европското првенство од дивизијата „Б“ кое ќе се одигра од 10. до 19. јули во Тбилиси-Грузија.

Очекуваме добра ждрепка во вторник претпладне за нашите репрезентативни надежи во Минхен.