10.12.2019

НЕСРЕЌЕН ПОРАЗ ЗА ТИМОТ НА ДИМИТРИЈЕВИЌ ПРОТИВ ЕВРОЛИГАШОТ: Хувентуд  „падна машки“  во Баскија

Порази за нашите репрезентативци во шпанската АЦБ лига во 12. круг од натпреварите.

 

Убавата победничка серија за Хувентуд заврши во Баскија. Евролигашот Басконија беше подобар противник, славеше со еден поен разлика (87:86).

Ненад Димитријевиќ реализираше осум поени (1/2 за три, 2/3 за два и 1/2 за еден поен). А за 14.минути во игра додаде и три додавања, и исто толку загубени топки.

Шејн Витингтон и неговиот Реал Бетис се поразени на гостувањето кај Обрадоиро (73:82). Како стартер, актуелниот македонски репрезентативец постигна 12.поени (3/3 за три, 1/2 за два и 1/2 за еден поен), имаше и седум скока, три загубени и една освоена топка за 25.минути.  

По ова 12. коло во најсилната лига во Европа, со седум победи и пет порази, тимот од Бадалона е на позицијата број 6, додека оној од Севиља е последен (скор 3-9).

*Стојан Ѓуроски немаше своја вечер во дуелот со Фос-Сур-Мер, кој неговиот Евре го реши во своја корист. Домаќините победија со (90:86), но нашиот репрезентативец немаше големо „влијание“ во крајниот исход. Барем не поентерско...

Запиша ефект од два поени (0/5 за три, 0/2 за два и 2/3 за еден поен). Имаше и три скока, по една освоена односно загубена топка и додавање за 31.минут во игра.

По девет кола во ПРО Б лигата, Евре е на ефект (4-5) и 12. место на табелата.

*Уште еден несреќен пораз е зад кошаркарите на Самсун во турската Втора лига. Екипата за која оваа сезона настапува Предраг Самарџиски загуби со минимални (57:59) на гости кај Коњаспор.

Високиот центар одигра 29.минути на овој меч. И реализираше седум поени (3/6 за два и1/2 за еден поен), имаше исто толку скокови, две асистенции, две освоени, но и пет загубени топки.

По десет одиграни кола во ТБЛ 2, Самсун е последен, има скор (1-9).