12.12.2019

ПОФАЛБИ ОД ФИБА И ДРУГИТЕ ФЕДЕРАЦИИ-ОРГАНИЗАТОРИ: Ние сме позитивен пример како се организира еден евро-шампионат

Два дена исполнети со многу обврски. Во преден план дефинитивно исходот на ждрепката на групите за претстојните големи евро-турнири, оние младинските, а во кои нашата федерација е вклучена со пет свои претставници. Три во машка, и две во женска младинска конкуренција.

 

А како втор, исто така важен дел од престојот на нашата тричлена делегација во Фрејзинг, беше и присуството на дводневниот „workshop“ организиран од страна на ФИБА-Европа, секако за федерациите кои се, односно ќе бидат во улога на домаќини на Европските првенства во младинските конкуренции.

„Овие своевидни ‘работнилници’ беа поделени на два дела. Во оној воведниот, веднаш по ждрепката на натпреварувачките групи на ЕП, како гостин-предавач зборуваше г-динот Бо Сундстром, некогаш дел од Европската фудбалска асоцијација, го пренесе своето знаење во и околу организацијата на големите настани во светот на фудбалот. Пред се за онаа доста важна техничка поддршка која треба да ја имаат, да ја добиваат домаќините“- вели Мирко Ивановски, координаторот за млади категории во нашата федерација.

Посебен акцент е ставен и на предвидените измени во правилникот за организација на европските првенства.

„Да, најавени се и доста промени и во системот за натпреварување, но тие ќе бидат реализирани во текот на наредниот период, а подготвени пред одржувањето на турнирите следното лето“.

Во делот на логистичките активности, посебно биле нотирани нашата како и уште три други национални федерации со најбогато искуство во организацијата на овие шампионати, кои земаа и најголемо учество во панел-дисусијата.

„Токму така, во дискусијата која се поведе на овие теми, освен нашата федерација, беа издвоени и оние на Романија, Бугарија и на Австрија, како федерации со најголемо искуство, и како позитивен пример, во таа насока“- дополнува координаторот за настани Јане Петковски.

Како клучен сегмент на оваа работилница, во однос на онаа примарна идеја биле издвоени за решавање случаи по реални ситуации присутни во минатото, односно некои претходни младински европски првенства..

„Идеите и информациите кои беа разменети би требало да бидат голем бенефит за организаторите на оние наредни шампионати кои се во програмата во текот на летото“- заклучува Петковски.

Вториот ден од „работилницата“ во Фрејзинг бил насочен кон  размена на поединечни идеи, презентирани од страна на присутните претставници на федерациите кои ја добија организацијата на едно од првенствата.

„Се е поврзано со имплементација на напредната технологија на спортските настани. Посебно со делот за достапност на стабилен интернет со голема брзина, кој се бара да биде достапен на сите учесници на овие натпреварувања. Мора да се напомене дека и тука, во оние размени на мислења, и на идеи, бевме посочени како еден позитивен пример, за оние настани организирани од страна на нашата федерација. Пред се во делот на транспортот, храна, специфицирани по европски стандарди.Тука беше потенцирана и се поизразената, т.н. ‘одржливост на првенствата’, како на сениорско, така и на овие младински нивоа на натпреварувања, доста битна за наредниот период. Дел од нашите размислувања се да бидеме вклучени во тој пилот-проект на европската кошаркарска федерација кој би бил реализиран за време на Европското првенство од Дивизијата ‘А’ во текот на наредниот август во Скопје“- потенцира генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.

Македонија, односно нашата федерација, се меѓу водечките околу организација на овие турнири.

„Наредното лето ќе биде 14. година по ред како нашата федерација се јавува во улога на организатор на еден голем настан под капата на ФИБА-Европа. Затоа подготовките се во полн ек. Работиме со сите сили, за максимално подготвени да одговориме на сите наредни предизвици. Од ФИБА ни најавија проверка на сработеното, и тоа во периодот февруари-март. Ние не го губиме времето, напротив. Ги разгледуваме сите можности кои ни ги дава Скопје и капацитетите кои ни се нудат, а нашите намери се и следното лето да ја оправдаме довербата која ни ја дава европската  кошаркарска федерација. За прв пат сме во една ваква улога да организираме и да играме на првенство од А Дивизијата. Тоа е наградата која ни ја даде ФИБА за она што го сработивме во изминатиот период како федерација“.

Престојот во Фрејзинг беше искористен и за максимално голем број на контакти со претставниците на другите национални федерации.

„Секако, направивме голем број на контакти со присутните претставници од другите федерации. Пред се за реализација на некои наши наредни активности во делот од организација на подготовките, организирање на турнири и друг вид на поблиска соработка“ - дополнува првиот оперативец на федерацијата по враќањето од Германија.