17.02.2017

ИЗЈАВИ ПО НАТПРЕВАРОТ РАБОТНИЧКИ - КУМАНОВО

Без концентрација - нема победа

Работнички го доби дерби-натпреварот против Куманово во третиот четвртфинален дуел со 87-81 и си закажа полуфинална пресметка против Карпош соколи.

Марјан Србиновски, тренер Куманово

- Видовте и сами дека лошо го отворивме натпреварот бидејќи бевме импресионирани премногу и тоа го искористи екипата на Работнички. Нивните главни играчи се разиграа уште на почетокот, ги погодија шутевите и со 13 разлика по само една четвртина нас ни беше многу тешко да се вратиме. Крајот некако го добивме, но сепак не беше доволно. Имавме два избрзани напади каде ја прокоцкавме шансата кога имавме само пет поени негатива. Тоа беше вистинскиот момент, но денес концентрацијата не ни беше појака страна. Имавме многу отсутни играчи, имавме и проблеми со повреди и ограничена ротација. Но тоа е спортот. Кога ќе почнете вака лошо со еден Работнички тешко е да се игра еден натпреавр. На нас останува да се подготвиме за следните предизвици во Суперлигата.

Димитар Караџовски, играч Куманово

- Овие натпревари од Купот не се одлучуваат секогаш во однос на тоа која екипа е подобра, или има поголем буџет, туку психолошкиот момент и мотивираноста се клучни. Честитки за победата на Работнички. Тие беа подобри од нас денес, во мечот влегоа помотивирани и притоа добро го отворија натпреварот, откако сите играчи погодија од далечина. Цело време беа во предност, па вината за поразот вечерва е само во нашите редови. Но, продолжуваме да работиме, бидејќи следат нови предизвици и тоа како во БИБЛ, така и за плеј-офот од домашната лига

Марин Докузовски, тренер Работнички

- Мислам дека објективно ова беше и најизедначениот дуел, како и што се очекуваше. Ние имавме поголема желба за победа, повеќе ја посакувавме и тоа го покажавме и заслужено победивме. Треба да се додаде дека игравме и без Илиевски, што за малку може ќе беше и кобно во финишот, откако останавме и без Мираковски и Николиќ поради лични грешки. Од друга страна Тасовски и Мираковски со оглед на тоа што не тренираа десет дена, денес одиграа на свежина, но за нив утре стравувам, колку ќе може да пружат

Виктор Ефремовски, играч Работнички

- Ова беше многу тежок натпревар за нас, особено кон крајот. Ни беше тешко против подолгата клупа на Куманово бидејќи немаме доволно играчи за ротација, а нив им е покриена секоја позиција. Но кај нас се разигра Мишановиќ кој имаше навистина добар ден. Со ’пик енд рол’ успеавме да ги изненадиме и да направиме многу рпедност во играта. Погодивме и добри тројки. Сега ќе гледаме да одмориме колку што можеме бидејќи нè чека уште еден тежок натпревар бидејќи соколи се еден навистина добар тим. Се надеваме дека ќе победиме, но утрешниот ден ќе покаже.