11.03.2017

ПЛЕЈАУТ: АВ Охрид посилен од Пелистер

Кошаркарите на АВ Охрид се и тоа како мотивирани за да се задржат во македонската Прва лига. Избраниците на Петар Чочороски го совладаа Пелистер со 66-83 односно 16-15, 20-29, 11-27 и 19-12 по делници запишувајќи ја првата победа во Плејаут лигата од тековната сезона.

Анакиевски и Андрејевиќ беа расположени за игра, па по три минути поминати на паркетот условниот домаќин имаше водство од 10-2. Следеше период на доминација на гостинот кој брзо успеа да ја стопи разликата до крајот на првата четвртина (16-15). Бранко Јанески во тандем со капитенот Слободан Михајловски одлично функционираа на паркетот по што „галебите“ стигнаа и до првото водство на натпреварот (14 поени за Јанески во првото полувреме). Во третиот период Чочороски одлучи да ја зацврсти одбраната, а петмината кои ја добија неговата доверба на паркетот го послушаа. Со 27 постигнати поени наспроти само 11 на условниот домаќин, кошаркарите на АВ Охрид веќе ја имаа заверено победата на стартот на вториот дел од натпреварот, па си дозволија и опуштена игра до самиот крај.

Стрелци на натпреварот:
Пелистер: Андрејевиќ (10 поени), Анакиевски (18 поени), Голубовиќ (10 поени), Давков (10 поени)
АВ Охрид: Јанески (19 поени), Брукс (19 поени + 9 асистенции), Милојевиќ (10 поени)

Целосната статистика од натпреварот можете да ја погледнете на следниот линк.