Со саботниот дуел помеѓу екипите на Куманово и на Кожув започна уште една борба за престиж во домашната кошаркарска елита – борбата за шампионската титула од тековната натпреварувачка сезона. Ланскиот вицешампион Куманово по пет дополнителни минути игра го совлада Кожув со 108 – 103 и ги заработи првите два бода во актуелната Супер лига.

Денес на распоредот на натпревари е уште еден дуел од Супер лигата. Најтрофејниот кошаркарски колектив, Работнички, во скопското дерби ќе си ги одмери силите против Карпош Соколи, кој минатата година не успеа да стигне до финалето и да испише клупска историја. Работнички во своите витрини има 14 шампионски титули и оваа сезона избраниците на Марин Докузовски ќе се обидат да ја освојат петнаесеттата. „Центарци“ го завршија првиот дел од сезоната со 11 победи и се стационираа на второто место на табелата, зад Фени индустри кој имаше една победа повеќе.

Натпреварот помеѓу Карпош Соколи и Работнички ќе започне во 19:00 часот, а ќе се одигра во ВИП Арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“. Статистиката може да се проследи преку следниот линк.

Ден подоцна (16. март, четврток) актуелниот шампион во домашното рпвенство, МЗТ Скопје Аеродром ќе го нагости Фени индустри во реприза од полуфиналето на овогодишниот ЛИМАК Куп на Република Македонија. Кошаркарите од клубот од Аеродром на својот ум ја имаат одмаздата против трикратниот шампион во домашното првенство кој пак сака да ја започне Супер лигата со триумф над силен противник.

Последниот натпревар од првото коло од Супер лигата е закажан за во 18:00 часот, а ќе се одигра во спортската сала „Јане Сандански“. Статистиката може да се проследи на следниот линк.