Кошаркарите на Карпош Соколи и на Работнички демонстрираа тесна битка на меѓусебниот дуел во првото коло од Супер лигата. Разиграни беа кошаркарите и на двете страни, но концентрацијата во финишот беше на страната на домаќините, па „соколите“ славеа со конечни 94-90 (20-23, 30-18, 25-25,17-24).

На кошаркарите на Работнички и тоа како им одеше шутот за три поени што не беше случајот со домаќинот на овој натпревар од Супер лигата на Република Македонија. Во првиот дел од натпреварот, во првата четвртина екипите беа израмнети во гирата. Домаќините се обидоа да профитираат од шутеви од надворешните линии, но тоа не им успеа. Мишановиќ, како и организаторите на игра, искусните Илиевски и Мираковски ги прибираа топките под кошот и лесно ги распределуваа на спротивната страна. Работнички стигна и до највсокото водство во првите десет минути од девет поени (12-21). Во вториот период следеше промена на сликата на паркетот во целост. Се разиграа Пери и Соколов, а потпомогнати во рекетот од Чомагиќ, „соколите“ не само што изедначија, туку и со серија од 11-0 го преземаа водството за првпат на натпреварот (31-26). Домаќините го одржуваа водството до крајот на првото полувреме (50-41).

Првите пет минути од вториот дел на натпреварот минаа со рефлекторите насочени кон Димо Тасовски и Владо Илиевски. Искусните шутери со пет тројки го стопија водството на Карпош Соколи и одново изедначија (53-53). Следеше период во кој домаќините ги искористија грешките на кошаркарите од гостинскиот состав. Техничките и неспортските грешки на контото на клубот од „Градски Парк“ значеше и доволно простор за ново водство на избраниците на Драган Николиќ (72-63). Самодовербата опадна, како и концентрацијата што одеше во прилог на кошаркарите од клубот од Карпош. Удобната предност од 13 поени (79-66) на стартот од последниот период беше сосема доволна за нов триумф на „соколите“, прв за нив во Супер лигата.

Стрелци на натпреварот:
Карпош Соколи: Трајковски (20 поени), Зековиќ (19 поени), Мавра (11 поени), Пери (12 поени), Лабовиќ (12 поени)
Работнички: Тасовски (37 поени), Илиевски (11 поени), Мишановиќ (18 поени)