Актуелниот шампион во домашното првенство, МЗТ Скопје Аеродром, стигна до втората победа во Супер лигата откако на гости го совлада Кожув со 71-77 односно 25-17, 16-21, 14-22 и 16-17 по делници. По првите десет минути игра се чинеше како победникот да е решен, но „металците“ не подигнаа бело знаме пред време. Тренерот Анте Назор знаеше како да ги мотивира своите играчи кои се доближија еден чекор поблиску до одбрана на трофејот освоен минатата натпреварувачка сезона, петти во постоењето на клубот.

Екстрарасположените домаќини фуриозно го започнаа првиот натпревар од второто коло од Супер лигата. По неколку предавања на водството, Мекнил двапати реализира шут за три поени и му го донесе првото посериозно водство на својот клуб (18-11) кое до истекот на десеттата минута порасна на десет поени (25-15). Вториот период вниманието беше насочено кон Јуре Лалиќ. Хрватскиот интернационалец кој ја покрива центарската позиција во МЗТ Скопје Аеродром се разигра, ја предводеше серијата од сеум поени во низа за гостинскиот состав по што водството беше двојно намалено. На паузата се замина со само три поени водсвто за гевгеличани (41-38).Македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски реализира поени за преземање на водството на неговиот тим, првпат по првиот период (10-11 прв период, 41-46 трет период).Како што гостите го преземаа водството така домаќините започнаа резултатски да заостануваат. Бројот на грешки растеше, а реализацијата опадна. Во последните десет минути се влезе со 55-60, минимално водство кое сепак се покажа како доволно за мирен финиш и победа на актуелниот шампион.

Стрелци на натпреварот:
Кожув: Ѓурасовиќ (16 поени), Мекнил (19 поени), Димчевски (13 поени)
МЗТ Скопје Аеродром: Лалиќ (20 поени), Дреновац (19 поени), Темс (20 поени)