18.02.2017

„Соколите“ чекор поблиску до нова страница во клупската историја

Карпош Соколи го повтори ланскиот успех и се пласира во финалето на ЛИМАК Купот на РМ

Во изедначен дуел, каде шутерите на двете екипи беа во главната улога на паркетот екипата на Карпош соколи славеше над Работнички со 78-92 односно 18-25, 19-23, 24-25 и 17-19 по делници. Клубот од Скопје го елиминира најтрофејниот кошаркаркски колектив во Македонија и е на чекор поблиску до пишување на нова страница во клупската историја.

Минатата сезона, „соколите“ се пласираа во финалето на Купот , но беа спречени од МЗТ Скопје Аеродром да забележат историска победа и да освојат прва Куп-титула во псотоењето на клубот. Сега, избраниците на Драган Николиќ повторно се на истото место, но противникот е сè уште непознат.

Двете екипи демонстрираа идентична игра на почетокот, па резултатот постојано беше егал. Следеше период во кој условните гости беа многу поагресивни во играта затворајќи ги надворешните линии по што наталожија двоцифрена предност на полувремедо (37-48). Во третиот период се разигра Димо Тасовски и следеше ’тројкашко шоу’. Поранешниот македонски репрезентативец погоди три тројки во низа, за нешто повеќе од 30 секунди во моменти кога Работнички заостануваше 15 поени (42-57) и разликата се намали на пет поени (54-59). „Соколите“ ја забрзаа транзицијата по што повторно ја вратија двоцифрената предност. Во последниот период се влезе со 12 поени позитива за гостинот (61-73) што дополнително влијаеше на самодовербата во таборот на кошаркарите од клубот од Карпош. Како што одминуваше времето, така и предноста стануваше сè поголема.

Стрелци на натпреварот:
Работнички:Димо Тасовски (23 поенi), Ѓорѓи Чековски (11 поени), Петар Николиќ (12 поени), Димитар Мираковски (10 поени)
Карпош соколи: Доминик Мавра (27 поени), Бојан Трајковски (17 поени), Драган Лабовиќ (15 поени), Кендрик Пери (12 поени ).