25.03.2017

СУПЕР ЛИГА и ПЛЕЈАУТ: МЗТ Скопје Аеродром поуспешен во градското дерби, прва победа за Вардар во тековната сезона

Викендот на суперинтересни натпревари во Првата кошаркарска лига го отворија екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Работнички. Во вечното градско актуелниот шампион на Република Македонија во домашното првенство славеше над најтрофејниот кошаркарски колектив со 87-68 односно18-14, 18-21, 27-15 и 24-16 по делници.

Брзината во транзицијата беше адут на домаќинот на овој натпревар. Со седум поени постигнати од контра-напади наспроти ниту еден на противникот „металците“ започнаа да го диктираат темпото на натпреварот. Душан Катниќ, претпоследната аквизиција на клубот од Аеродром ги разигруваше своите соиграчи, но кон крајот на првиот период заработи повреда која го примора да го напушти теренот предвреме. Анте Назор не мораше да се грижи бидејќи имаше доволно играчи на располагање за ротација каков што не беше случајот кај гостите од „Градски Парк“. Димо Тасовски се разигра во првиот дел од натпреварот и со 15 поени од кои 12 беа реализирани од шут за три и поради тоа Работнички успеа да го одржи егалот. На полувреме се замина со 36-35, минимално водство во корист на домќините. На почетокот на вториот дел, Ксавиер Тејмс ги презеде работите во свои раце и со лична серија од шест поени направи водство кое на неговите соиграчи им донесе доволно самодоверба за да преостанатито дел од натпреварот го одиграат формално. За Марин Докузовски на спротивната страна пех беше и отсуството на Ѓорѓи Чековски кој се пожали на повреда во третиот период, како и личните грешки на дотогаш најефикасниот Ненад Мишановиќ.

Стрелци на натпреварот:
МЗТ Скопје Аеродром: Дреновац (17 поени), Клоф (12 поени), Тејмс (13 поени), Лалиќ (11 поени)
Работнички: Тасовски (23 поени), Мираковски (15 поени), Мишановиќ (14 поени).

Интересен беше и првиот дуел од Плејаут лигата за овој викенд помеѓу екипите на АВ Охрид, лидерот на табелата и 'фенерџијата' Вардар. Избраниците на Ѓорѓи Кочов немаат никакви шанси за играње во Првата лига и наредната сезона со оглед на тоа дека се на дното на табелата, но тоа не ги индиспонира за да не ја запишат првата победа во оваа натпреварувачка сезона.

Веќе по првиот период од натпреварот, младите играчи на Вардар, предводени од капитенот Војче Лефкоски наталожија доволно големо водство (11-23 по 10 минути игра) со кое мирно го завршија натпреварот сè до конечни 65-77 (11-23, 20-14, 18-27, 16-13).

Стрелци на натпреварот:
АВ Охрид:Брукс (23 поени), Михајловски (10 поени)
Вардар: Лефкоски (14 поени), Калов (12 поени), Зекири (10 поени), Адекунле (13 поени)