08.05.2017

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу МКФ и ФФОСЗ

Македонската кошаркарска федерација ја продолжи соработката со Факултетот за физичка култура. Денес (8. мај, 2017 година) во просториите на МКФ беше потпишан Меморандум помеѓу Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, како и деканот при ФФК, Д-р Ленче Алексовска – Величковска.

Со меморандумот, се интензивира и се подига нивото и формата на соработка помеѓу двете страни.

„Нам целта ќе ни биде отстранување од корен на тие технички дефицити кај помладите категории како и имплементирање на тој систем за лиценцирање на тренерите во кошарката кој беше направен уште минатата година. Сè е подготвено, само сега ќе нагласиме и временски рокови во кои сакаме да се исполнат“ – ги нагласи основните проблеми во кошарката, претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

Деканот при Факултетот за физичка култура, Д-р Ленче Алексовска-Величковска потврдувајќи ги истите проблеми со кои се соочува катедрата за кошарка.

„Генезата за сите овие проблеми нам ни е многу позната, а тоа е намалена желба за едукација кај тренерите како што е случајот со поразвиените земји. Ние сме упорни во нашите цеи и нема да се откажеме, во тоа сум сигурна. Имаме јасна цел пред нас и за мене – нема препреки за остварување на истата. Мора да се постави унифициран систем за едукација и да се постави базата кај младите играчи. Не е возможно играч на 15 години да нема елементарно познавање и да не знае што е тоа ’додавање’ колку едноставно и да звучи тоа. Ние незалудно потпишавме Меморандум за соработка. Но, мора на сето ова да има и практична примена, да не биде само формалност. Доколку сакаме резултати, мора веднаш да се започне со работа“ – дополни деканот при ФФК.