09.05.2017

Бадел 1862 со апел за помош на Александра Спасова

Третиот натпревар од финалната серија помеѓу Бадел 1862 и Вардар ќе биде од хуманитарен карактер, најавува домаќинот. Двете екипи ќе се пресметаат во дуел кој може да го одлучи шампионот на Република Македонија за сезоната 2016/2017 година земајќи го предвид фактот дека домаќинот на овој натпревар има водство од 2-0 (68-45 и 45-78) и само една победа го дели од четвртата во низа титула во домашното првенство. Натпреварот ќе биде одигран утре (среда, 10. мај, 2017 година) со почеток во 20:00 часот во салата „Независна Македонија“ и истиот ќе биде пренесуван во живо на YouTube каналот на Македонскиот Олимписки комитет (МОК ТВ).

Клубот – домаќин на овој натпревар најави дека ќе биде одигран во чест на Александра Спасова, која се бори со тумор на хипофизата.

„Заради интензивни упорни главоболки, пациентката била амбулантски упатена да направи снимање на магнетна резонанца на главата при што е констатирано постоење на голем интра/супраселарен аденом на хипофизата. Направени се ендокринолошки и офталмолошки прегледи. Неопходна е оперативна интервенција на туморот на хипофизата во поскор датум со оглед на тоа дека може да настанат нагли промени на заболувањето што би го довело пред сè во ризик видот и општата здравствена состојба на пациентката“ – стои во извештајот на специјалистот.

За операцијата на Александра која треба да се изведе во Германија, потребни се 19.000 евра – средства кои таа самата не може да ги собере.

Со оглед на тоа дека влезот на натпреварот е бесплатен, Бадел 1862 ќе постави кутија за собирање на донации за операцијата.

Покрај тоа, сите хумани граѓани кои имаат волја и желба да помогнат можат да уплатат на следната сметка. Броеви за донација сè уште не се обезбедени.

Комерцијална банка
IBAN: MK07300307063969828