12.05.2017

Стручен совет со поддршка за проектот за развој на млади надежи (М13)

Стручниот совет при Македонската кошаркарска федерација на денешниот состанок донесе одлука да го поддржи проектот за развој на млади надежи – М13 (кошаркари родени 2004 година) и својот предлог да го достави до Управниот одбор. Оваа генерација ќе учествува на повеќе кампови, кои ќе се одржат во текот на летниот период (јуни, јули и август) оваа година.

Стручен тим треба да се формира за селектирање на играчи од оваа генерација, а првиот селективен тренинг, според предлогот на Стручниот совет, треба да се одржи на 20. мај 2017 година.

Обврска на клубовите е да ги испратат најквалитетните играчи како и тренерите кои работат со оваа генерација.

На овој состанок беа присутни сите членови на Стручниот совет (Марјан Лазовски, Стојна Вангеловска, бранко Андриевски, Александар Петровиќ) со исклучок на Перо Стамески. На состанокот присуствуваа и Претседателот на МКФ, Петар Наумоски, генералниот секретар Моника Гаврилоска и претседателот на Здружението на кошаркарски тренери Драган Василов – Цевка.