23.05.2017

Соопштение во врска со делегирање на официјалните лица за натпреварот помеѓу МЗТ С.А. и Карпош Соколи

Македонската кошаркарска федерација по претходна согласност на клубовите МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи донесе одлука, последниот натпревар од финалната серија во Плејофот од тековната натпреварувачка сезона правдата да ја делат прволигашки арбиртри од Турција.

Оваа одлука е донесена, пред сè, со цел да се заштитат арбитрите т.е. официјалните лица од Република Македонија. Во текот на оваа натпреварувачка сезона особено со наближувањето на крајот на првенството, домашните судии постојано беа изложени на ризик во спортските сали ширум републиката и неретко беа жртви на фрлање на тврди и на меки предмети од страна на присутните лица како и на навреди упатени кон нив и плукање.

Македонската кошаркарска федерација не само што сака да ги заштити судиите кои би биле официјални лица на овој натпревар од какво било попречување во вршење на службената должност туку и во исто време, сака да избегне какви било обвинувања од страна на кој било учесник или актер на овој натпревар дека арбитрите “протежирале“ некој од клубовите и дека одлуките на паркетот ги носеле пристрасно и необјективно – тема која често е главна низ кошаркарските кулоари и медиуми.

Петтиот, последен, натпревар од финалната серија ќе се одигра утре (среда, 24. мај, 2017 година) со почеток во 18:00 часот и победникот од овој дуел ќе го одлучи шампионот во домашното првенство за тековната натпреварувачка сезона (2016/2017).