06.06.2017

Репрезентативците до 20 години го одржаа првиот собир

Националниот состав до 20 години утрово го одржа првиот официјален собир. Од денес, па сè до 14. јули кошаркарите ќе се подготвуваат за Европското првенство (дивизија Б) што ќе се одржи во Орадеа, Романија.
Репрезентативците го одработија првиот тренинг под диригентската палка на Златко Јанакиевски кој ќе им помага во одржување на физичката кондиција.

„Момци, не случајно сте токму вие овде. Јас верувам во вас и знам дека оваа репрезентација има капацитет за првото место. Дел од вас имаат и сениорско искуство што сигурно ќе ни биде од корист. Сакам да верувате во себе и секој тренинг да го започнуваме со силен аплауз за меѓусебна мотивација“ – верува во своите избраници, селекторот Мирко Петрески.

Покрај стручниот штаб на репрезентацијата до 20 години, на првиот собир присуствуваа Митко и Јанко Луковски како и генералниот секретар на МКФ Моника Гаврилоска и претседателот на македонската кошаркарска федерација Петар Наумоски кој го ’отвори’ тренингот со кус мотивациски говор за младинците искажувајќи целосна доверба во стручниот штаб на селекцијата.