19.09.2017

Македонските клубови започнуваат со настап во ФИБА натпреварувањата

Два македонски клуба одлучија оваа сезона (2017/2018) да се впуштат во европските клупски натпреварувања организирани од ФИБА. Карпош Соколи, македонскиот вицешампион кој ја избриша прашината во клупските витрини додавајќи го својот прв освоен пехар во историјата на постоењето на клубот од овогодишното издание на државниот Куп, одлучи да настапува во Лигата на шампиони додека најтрофејниот кошаркарски колектив Работнички ќе земе учество во Европа Купот.

И двата клуба ќе започнат со квалификациите за влез во групната фаза од натпреварувањата.

„Соколите“ од скопската општина Карпош ќе си ги одмерат силите со Калев Крамо во рамки на првата квалификациска рунда. Клубот од Балтикот во изминатите две сезони се закити со нови две круни од естонскиот шампионат што доволно говори за квалитетот на составот. Карпош Соколи работеше на темпирање на формата одигрувајќи некаколку пријателски натпревари, во и надвор од границите на Република Македонија, па играчите и стручниот штаб се подготвени за пишување на нова клупска историја.

Карпош Соколи ќе бидат домаќини на првата пресметка од двомечот. Натпреварот же се одигра во VIP арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“ со почеток во 17:00 часот. Два дена подоцна „соколите“ ќе одиграат уште еден натпревар, на гости во Талин.

Два дена подоцна Работнички ќе го одигра првиот натпревар од овогодишното издание на Европа Купот, во рамки на првата квалификациска рунда, против руска Парма. Клубот од Перм во своите витрини од петгодишното постоење има само еден трофеј, тој од Купот, но ако историјата во спортот нешто нè научила тоа е дека не постои слаб противник кој треба да се потцени.

Својот поход кон Европа кошаркарите од клубот од „Градски Парк“ ќе го започнат в четврток (21. септември) на гостински терен. Шест дена подоцна Парма ќе гостува в Скопје.

Македонската кошаркарска федерација им посакува успех на двата клуба!