06.02.2021

Уште еднаш, предводени од извонредниот Димчевски, гостиварци покажаа дека имаат силен напад, славеа убедливо во Кавадарци (99:89)

14. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА – МАЖИ: Тројките се силно оружје на Гостивар, ги уништија надежите на Еуро Никел 2005

Екипите на Еуро Никел 2005 и Гостивар го отворија 14.коло од Првата лига. Во кавадарешки „јасмин“ нова, одлична шутерска вечер на гостиварци. Доволно да ги уништат сите надежи на кавадарчани за продолжение на серијата на добри игри и на победи.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ГОСТИВАР           89:99

Гостиварци одлично почнаа. По нецели пет минути имаа сосема солидно водство од (14:6), што го натера тренерот на домашната екипа Горн Самарџиев доста рано да побара една минута одмор, односно многу повеќе за совети по лошиот „влез“ во мечот.

Успеаја кавадарачани да се приближат до тоа водство со три тројки во серија (22:24). Но расположениот Вокер ја затвори одлично одработената четвртина. Со својот 14.поен (6/6 од поле) го врати Гостивар на плус 8 (30:22).

Белег на тоа прво полувреме беше одличната реализација во шутот од далечина, на двете екипи. За нијанса поуспешни беа гостите, имаа две тројки повеќе (осум спрема шест), затоа и го чуваа водството кое беше и нешто повисоко, двоцифрено (48:38). Потоа гостите имаа и уште повисоки (56:44), по тројката на Фрајдеј и неговиот 13.поен.

Тоа доста ефикасно полувреме Гостивар го доби со (58:48), а двете екипи со мошне високи 60% на реализација за три поени.

Тројца играчи имаа по 15 реализации, Петровски на домашната (3/3 за два и 3/3 за три поени), а Вокер и Фрајдеј на страна на гостите од Гостивар.

Онаму каде што застана во Битола, Ивица Димчевски продолжи во второто полувреме од средбата во Кавадарци. Поранешниот репрезентативец постигна четири тројки (без промашување), доволно Гостивар да ја „држи“ двоцифрената разлика (74:63) на две и пол минути пред истекот на третиот период. Доволно време за нова мини серија на гостите од (7-0) и максимална предност од (81:63).

Димчевски не се задоволи со постигнатото, со нова тројка (шеста), и уште една која дојде до Костоски, Гостивар направи (8-2) за недостижни (89:65) иако до крајот требаше да се одиграат скоро осум минути. Време во кое шанса добија и резервните играчи и во кое Еуро Никел 2005 успеа во обидите поразот да биде прифатлив. Никако не можеа да се одбранат од одличното шутерско издание на Гостивар заокружено со 18 дадени тројки (од 31.обид)

Ова беше 11.меч за двете екипи во досегашниот дел од првенството, по кој Гостивар има ефект (8-3), а Еуро Никел 2005 пак (7-4).