17.03.2021

Три продолженија во Битола, и херојска победа на кавадарчани во најдобриот меч во досегашниот дел од сезоната, (122:116)

18. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Маратон во Битола – победник е Еуро Никел 2005!

Вечерва во Битола, вистински кошаркарски маратон. Го „трчаа“ во овој случај „играа“ кошаркарите на Пелистер и Еуро Никел 2005. Малку им беа оние задолжителни 40.минути. Откако во регуларниот дел си разменија по 92. поени, се играа уште три продолженија, или 15.екстра минути.

На крајот, победник на маратонската трка за двата бода – Еуро Никел 2005!

ПЕЛИСТЕР – ЕУРО НИКЕЛ 2005           116:122

Доста интересно прво полувреме се одигра во салата „Боро Чурлевски“. Во првите десет минути, изненадувачки, доминација на гостинската екипа. Еуро Никел 2005 го доби уводниот период со солидни (23:16).

Но тоа само како да ги подналути домашните кошаркари. Притиснаа битолчани во втората четвртина. Се отворија поентерски, како што тоа и го правеа доста често во оваа сезона. Постигнаа двојно повеќе кошеви од противникот – 36, примија само 18. Па на полувремето се стекнаа со двоцифрена предност од (52:41).

Во продолжението, доста поизедначена игра. Во која сепак, во финалните две-три минути кавадарчани успеаја во обидот одново да се вратат во игра. Во последната минута стигнаа и до само еден поен негатива (64:65), добивајќи ја четвртината со (25-15), што беше гаранција за доста подраматичен тек на натпреварот во последните десет минути.   

По нецели три минути игра од последниот дел, и тројката на Петровски, Еуро Никел 2005 дури и поведе со (73:72). Но тројката на Трајковски, на 46.секунди пред крајот, го донесе Пелистер во ново, минимално водство (91:90). Кесар беше само половичен од линијата за слободни фрлања, за (92:90).

Тоа во следниот напад, го казни Рикиќ, кој обезбеди егал резултат (92:92), кој не успеа да го промени Калахан (не погоди за три поени), и да му донесе победа на Пелистер во регуларниот дел.

Во оној дополнителниот, немаше победник. Уше еднаш шансата ја промашија домашните кошаркари, поточно Стајиќ, кој при резултат (100:100) не погоди тројка за победа.

Во наредниот, „пелистерци“ со серијата (7-0) поведоа со (107:100), но и од таа негатива кавадарчани се опоравија. Вратија Мијатовиќ, Дубински и Рикиќ, за (107:107) на 24.секунди на истекот на вториот екстра период.

На општо изненадување, домаќините ги потрошија без да шутнат, па мораше да се игра и трето продолжение во Битола.

Тројката на Јане Петровски за (118:112) беше најава дека кавадарчани ќе му го нанесат вториот пораз на домашен терен на лидерот во шампионатот. Големата, херојска победа на Еуро Никел 2005 ја потврдија Соколов и Дубински, макар и преку линијата за слободни фрлања. ФОТО: Димитар Петковски