15.10.2021

Своите мечеви, нашите претставници во АБА 2 лигата. МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер ќе ги играат во понеделник...

3. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА – МАЖИ: Работнички, Пелистер и ТФТ атакуваат кон „хет-трик“

Четири натпревари од овој трет круг од натпреварите во Првата лига се на распоред на саботната програма. Останатите два ќе се играат во понеделник, секако, поради обврските кои во текот на оваа недела ги имаа нашите два претставници во АБА 2 лигата, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер.  

(сабота, 18.00): МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – ГОСТИВАР

Ова коло ќе биде отворено со дуелот во СЦ „Јане Сандански“ во кој ќе се сретната екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и Гостивар.

„Нè очекува натпревар со противник кој претходните години заслужено беше на врвот на табелата. Екипата на Гостивар има искусни кошаркари кои играат брза, модерна кошарка. Нашиот тим по првата победа во ова првенство останува во истата насока. А тоа е стекнување искуство, јакнење на самодовербата и достоен отпор кон сите посилни и поискусни екипи“- смета Перо Блажевски, тренерот на вториот тим на МЗТ Скопје, пред саботниот дуел со екипата од Гостивар..

Во минатото коло пак, Гостивар успеа да ги исправи грешките од првото, и стигна до првата победа во новиот шампионат. Тренерот Јончевски и неговите избраници се добро запознати за она што ги чека утре вечер во СЦ „Јане Сандански“.

„По воведните две кола можам да кажам дека влегуваме во посакуван ритам И дека добрите игри и тренинзи треба да ги потврдиме со победа во наредниот натпревар. Играме против најмладата екипа во лигата со која се сретнавме и во подготвителниот период. Па можеме и подобро да се подготвиме. И тој натпревар беше со голема енергија, и неизвесен. Истото нè очекува и во Скопје“- вели Јончевски.

(сабота, 18.00): РАБОТНИЧКИ – АНГЕЛИ

Работнички е една од трите екипи, заедно со ТФТ и Пелистер  кои се со стонастотен ефект по две одиграни кола во Првата лига. А тренерот на „црвено-белите“ Тони Симиќ, очекува таа серија на успеси да продолжи и по дуелот со уште еден дебитант во друштвото на најдобрите – Ангели.

„Сакам да одиграме подобро во однос на оние први два натпревари на кои не игравме како што посакувам, но победивме. Не смее да нè залажува тоа што екипата на Ангели има два порази. Мора да имаме вистински пристап кон обврските кои со себе ги носи секој нареден натпревар. Ангели се следната наша цел, одиме да победиме, но и да го покачиме нивото на игра“.

Зад Ангели се два почетни порази во новата сезона, прва за нив во Првата лига.

„Во секој случај, во дуелот со Работнички очекувањата се да се прикажеме во едно подобро светло во однос на оние претходни натпревари. На овие мечеви кои следуваат да ја подигнеме формата и ритамот потребен за играње во прволигашка конкуренција. Со оглед на тоа дека двајцата странци дојдоа нешто подоцна, ќе ни треба и повеќе време за воигрување. Очекувам многу подобро издание во однос на претходните, па ќе видиме“- посакува Горан Ѓорѓиевски, првиот тренер на екипата од Кисела Вода.

(сабота, 19.00): КУМАНОВО 2009 – ТФТ

Дуелот помеѓу двете екипи кои и лани, но и оваа сезона не претставуваат во Балканската лига, но и „излегоа“ во Европа, ќе биде можеби и највозбудливиот во саботната програма. Со забелешка дека гостите од Скопје имаат максимален, а кумановци половичен ефект по двете досегашни рунди од шампионатот. 

Тренерот на „црно-белите“, Боро Смилковски сака да ги искористи сите слабости на противникот евидентирани во изминатиот период:

„Нè очекува тежок натпревар во Куманово, натпревар кој ке го ресат деталите во играта. по поразот од Академија ФМП во рамки од БИБЛ лигата, Екипата на Куманово е под своевиден императив на победа, додека ние по остварените две воведни победи нè чувствуваме притисок за резултат, меѓутоа чувствуваме одговорност да бидеме најдобрата верзија на себе. Подготвени, фокусирани, со добра енергија и атмосфера во тимот идеме да го дадеме својот максимум“.

(сабота, 19.00): КОЖУВ – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП

Зад екипата на Кожув се два стартни порази. па дуелот со Навико Академија ФМП ќе биде шанса за прв успех во новата првенствена сезона за екипата од Гевгелија.

„Не одигравме како што треба на претходните натпревари. Се надевам дека ќе бидеме подобри на оваа средба против екипа која направи неколку измени во текот на летото, но не го смени оној фајтерски стил на игра кој го негува тренерот Петровиќ. Мора да поченеме да победуваме, особено на домашен терен. Имавме проблеми во тренажниот процес, се надевам дека ќе се издигнеме, и дека ќе триумфираме“- вели младиот тренер на екипата од Гевгелија, Павле Николов.

Проблем плус за гостите од Скопје на ова гостување ќе биде неиграњето на Филип Бакоч. Потенцијалниот репрезентативец е под суспензија поради исклучувачката грешка, па неговите соиграчи ќе треба да го надополнат неговото отсуство на оваа средба.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 3. КОЛО

САБОТА:

18.00: МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – ГОСТИВАР

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/WVlJP8Po9Qg

18.00: РАБОТНИЧКИ – АНГЕЛИ

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

https://youtu.be/rWekDVwbG7A

19.00: КУМАНОВО 2009 – ТФТ

Сала „Перо Наков“ – Куманово

https://youtu.be/B1IaUaVakMM

19.00: КОЖУВ – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП

Сала „26.април“ – Гевгелија

https://youtu.be/6v-Huqe7TDk

ПОНЕДЕЛНИК:

11.30: ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

https://youtu.be/pP0MPDOvwY8

18.00: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ (МРТ)

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

https://youtu.be/2BX8fmpdhR0