23.10.2021

Еден од ко-лидерите на табелата ,вечерва во Гостивар (18.часот), ќе има сериозна задача да ја продолжи победничката низа во првенството

4. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА – МАЖИ: Гостиварски предизвик за Работнички

Доста интересни натпревари носи четвртиот круг од натпреварите во Првата лига. Пет од нив ќе се одиграат во саботните термини, последниот пак е во недела, во Битола, каде еден од ко-лидерите на првенствената табела, екипата на Пелистер го дочекува Кожув од Гевгелија.

Една од двете екипи, заедно со скопски ангели кои по три кола се без успешен резултат.

 (сабота,13.00): ФЕНИКС 2010 – АНГЕЛИ

Дуел на двата новаци во прволигашкото друштво, во кој се очекува доста неизвесност. Домаќинот веќе успеа да направи една победа, за разлика од нив „ангелите“ сеуште го чекаат прволигашкиот првенец, и се чини дека ова може да биде и нивната најголема шанса за тоа во уводниот дел од сезоната.

 (сабота,16.00): МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009 (МРТ)

Еден од двата дуели кои може да се окарактеризираат како дерби во ова коло ќе се игра во салата на СЦ „Јане Сандански“.

По стартниот пораз, шампионот „врза“ две победи. Четата на Дарко Радуловиќ полека се комплетира, што значи далеку посериозни проблеми за противниците во продолжението на првенствената трка.

Еден од нив, оваа саботна вечер е екипата Куманово 2009. Екипа која засега игра под очекувањата на стручниот штаб и раководството на клубот кој во претсезоната најави големи амбиции. Не само поради пријавата за настап во квалификациите за ФИБА Еврокупот, и играњето во Балканската лига.

Како ќе ги балансираат тие работи, кумановци ќе проверат против тимот кој важи за шампионски. 

(сабота,18.00): ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ

Вистински дерби-меч би требало да биде овој во салата „Младост“ во Гостивар. Силно мотивирани, гостиварци го дочекуваат тимот кој иако не блеска, направи три победи во првите три кола.

Лесно можеше да се случи и гостиварци да го дочекаат саботниот натпревар со максимален ефект да не беше онаа лоша четвртина на стартот од сезоната, на гостувањето во Кавадарци.

„Работнички е тим кој мора да се респектира во секој момент, иако има тотално променет состав. Се подготвувавме цела недела и добро ги анализиравме нивните играчи и сетови. А дополнителен мотив ни е и моментот што се непоразени во првите три кола. Доаѓаат на наш терен, атмосферата се загрева, а за време на натпреварот сигурно ќе биде жешка. На нас останува да се прикажеме во вистинско светло, и на публиката да ѝ дадеме одлична партија“ – вели Јончевски пред дуелот со клубот каде играше порано.

А дуелот во Гостивар ќе биде се чини и најголемиот предизвик за новиот состав на Работнички во првиот дел од првенството.

„Ова би требало да биде вистински дерби натпревар. Секогаш е тешко да се дојде до победа против Гостивар, особено на нивниот терен. Но обврска на Работнички е да бара победа на секој натпревар, па така и на овој. Но за да дојдеме до уште еден успех, ќе мора да одиграме многу подобро во однос на првите натпревари. Пред се, да имаме вистински пристап кон обврските. Да не чекаме противникот да направи разлика, а потоа максимално да се ‘трошиме’ за да се вратиме и да победиме. Мора да имаме константност во играта, тоа е предуслов за успех во вакви натпревари“- смета Тони Симиќ, кој го води Работнички од клупата.

(сабота,18.00): ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА

Екипата на ТФТ има одличен почеток во новата сезона. Има три победи во првенството, една во БИБЛ лигата, па со право „црно-белите“ очекуваат продолжение на серијата и во овој дуел против младиот состав од Аеродром.

Екипата која од оваа сезона ја предводи Перо Блажевски не смее да се потцени. Такво „искуство“ со себе носат екипите со кои „сино-белите“ играа во претходните три кола од шампионатот. И тоа треба да е предупредување за тимот кој има максимален ефект во досегашниот дел од првенството.

(сабота,19.00): НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005

Во минатото коло, екипата на Навико Академија ФМП стигна до првиот првенствен триумф, и тоа во екипата од Кисела Вода носи дополнителни мотиви пред пресметката со вицешампионот.

По суспензијата во екипата се враќа и потенцијалниот репрезентативец и некогашен играч на тимот од Кавадарци, Филип Бакоч, што е добра вест за тренерот Александар Петровиќ во подготовката за оваа средба.

Кавадарчани сигурно очекуваа повеќе од овие (1-2) кои ги имаат на стартот на првенството. Па ова гостување е можност тој биланс да го поправат, односно да го донесат на половичен.

(недела,18.30): ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ

Дуел на екипи со максимално позитивен, односно негативен ефект во три кола. „Пелистерци“, исто како и лани, се претенденти за првата позиција на табелата која во овој момент и ја делат со Работнички и со ТФТ. Па во недела избраниците на тренерот Марјан Илиевски ќе се потрудат серијата да продолжи.

Пред себе го имаат гевгелиски Кожув, екипа која засега не знае за победа, и бара начин(и) тоа да биде променето. Нема да им биде лесно во Битола, затоа што „зелено-белите“, иако не блескаа(т), досега победуваа.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 4. КОЛО

САБОТА:

13.00: ФЕНИКС 2010 – АНГЕЛИ

Сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/SHPprSMSGnE

16.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009 (МРТ)

Сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/asZt3kevZuc

18.00: ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ

Сала „Младост“ – Гостивар

https://youtu.be/6Ukcp6I6P74

18.00: ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

https://youtu.be/bZ_uieu5Suc

19.00: НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005

Сала „Независна Македонија“- Скопје

https://youtu.be/uZnjF4j2TRM

НЕДЕЛА:

18.30: ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

https://youtu.be/4CQ5cr3BJN