29.04.2020

Федерацијата ќе поднесе конкретен предлог до Управниот Одбор на Кошаркарската федерација

КОНСУЛТАТИВЕН СОСТАНОК НА РАКОВОДСТВОТО НА КФСМ СО ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ

Во текот на вчерашниот ден, Кошаркарската федерација на Северна Македонија достави официјално известување до претставниците на клубовите во Првата лига-мажи, а во врска со вонредната состојба во нашата држава поради пандемијата на COVID-19, и неможноста да се одигруваат кошаркарските натпревари од Првата Државна лига-мажи за сезона 2019/20, со два (2) предлога за начинот на завршување на натпреварувањето

Прв предлог: Согласно моменталната табела по 17.одиграни кола, да се прогласи КК МЗТ Скопје Аеродром АД за шампион за сезона 2019/20, со испаѓање на двата последни клуба од Прва Лига-мажи

Втор предлог: Да не се прогласи шампион за сезона 2019/20, со тоа што нема да има испаѓање од Прва лига-мажи

Согласно со тоа, раководството на КФСМ, денеска, преку конференциска врска одржа консултативен состанок со претставниците на клубовите.

На состанокот, по електронски пат беше реализирано и гласањето од страна на клубовите учесници во нашето најквалитетно кошаркарско натпреварување.

Четири клуба, КК Работнички – Скопје, КК Гостивар-Гостивар, КК Вардар-Скопје и КК Куманово 2009-Куманово се произнесоа да не се прогласи шампион за сезона 2019/20, со тоа што нема да има испаѓање од Прва лига-мажи.

Три клуба, КК МЗТ Скопје Аеродром АД-Скопје, КК МЗТ Скопје Уни-Банка-Скопје, и КК ФМП Академија-Скопје се изјаснија за предлогот: КК МЗТ Скопје Аеродром АД да се прогласи за шампион за сезона 2019/20, со испаѓање на двата последни клуба од Прва Лига-мажи.

Три клуба, КК Еуро Никел 2005-Кавадарци, КК Кожув-Гевгелија и КК Пелистер-Битола беа воздржани во гласањето по предлогот од страна на федерацијата.

Согласно со тоа, резултатот на ова гласање раководството на КФСМ ќе го формулира како дефинитивен предлог и ќе го стави пред членовите на Управниот Одбор на КФСМ кој треба да ја донесе конечната одлука за заклучување на натпреварувањето во Првата лига-мажи за сезоната 2019/2020.