Репрезентативците до 20 години претстојното лето ќе имаат богат распоред исполнет со пријателски натпревари на кои ќе се подготвуваат за Европското првенство, дивизија Б што од средината на месец јули ќе се одржи во бугарската престолнина, Софија.

Тренерското трио во состав Никола Василев (селектор), Дарко Радуловиќ (помошник тренер) и Будимир Јоловиќ (ментор) ќе го одржат првиот официјален собир в Скопје на 1. јуни, први од сите младински репрезентации кои ова лето ќе се натпреваруваат на првенства на европско тло.

Две седмици по официјалниот собир, младинците ќе ги одиграат првите пријателски натпревари и тоа против соодветната селекција на Унгарија. Натпреварите ќе бидат одиграни на 15. и на 16. јуни. Десет дена потоа, националната селекција до 20 години ќе отпатува за Црна Гора каде ќе одигра два пријателски натпревара на турнир на кој покрај домаќинот учество ќе земе и Русија.

Следуваат три дена одмор, па потоа пријателски двомеч со домаќинот на Европското првенство (дивизија Б) до 20 години – Бугарија, на 3. и на 4. јули на гостински терен. Три дена подоцна ќе ни гостува селекцијата на Романија со која младинците ќе одиграат уште два натпревара.

Вкупно осум натпревари ќе бидат одиграни во рамки на подготвителниот период кој води кон Европското првенство (дивизија Б) кое ќе да започне на 13. јули и ќе трае до 22. јули. Нашата селекција е сместена во групата А заедно со селекциите на Белгија, Летонија, Белорусија и Азербејџан.