Националните селекции до 14 и до 15 години ќе учествуваат на силен камп-турнир кој на почетокот на месец јуни ќе се одржи во Измир, Турција.

На турнирот ќе учествуваат репрезентации и клубови од Шпанија, Литванија, Турција и од Србија во соодветните возрасни категории.

Турнирот ќе започне во попладневните часови на деветти јуни, а натпреварите ќе продолжат да се одигруваат на десетти, единаесетти и дванаесетти јуни во периодот од 9:00 часот наутро до 21:00 часот навечер. По завршување на натпреварите на дванаесетти јуни ќе бидат доделени признанијата за учество како и наградите за најдобрите и за најуспешните.

Системот на натпреварување на турнирот ќе биде објавен по дефинирање на конечниот вкупен број на екипи-учеснички на истиот.

Со овој турнир ќе се обележи и стартот на едно богато лето исполнето со репрезентативни активности на младинските национални селекции.

За националната селекција до 15 години овој турнир ќе биде трет за оваа календарска година. Репрезентативците веќе учествуваа на два турнира во месец јануари, во Србија и во Турција.